Вардар се обрати до компаниите: „Бидете дел од убава приказна“

Фудбалскиот клуб Вардар напорно работи да обезбеди нормални услови и гола егзистенција, со цел да се подготви добро за стартот на новата сезона.

Преку своите профили на социјалните мрежи, луѓето од Вардар испратија отворен повик до сите компании да се вклучат во приказната и да му помогнат на клубот во најтешките времиња од неговата клупска историја.

„Во текот на вчерашниот ден испративме барање за соработка до стотици големи македонски компании, а во деновите што претстојат ќе испратиме уште илијадници понуди. Во моментите, кога клубот е во крајно незавидна финансиска ситуација, народот е единствениот негов финансиер. Па затоа, како што тропнавме на вратите на надлежните институции, така ве каниме и вас. Ви нудиме искрена и транспарентна соработка, и можност заедно со нас и народот, да бидете дел од создавањето на една голема спортска приказна. ФК Вардар е најголемиот македонски фудбалски клуб, кој со својата историја и симболика е најдобра реклама за сите нас. Се надеваме на брз позитивен повратен одговор, а ние ќе се погрижиме сите оние кои ќе застанат заедно со нас во одбраната и воздигнувањето на клубот на народот, да бидат препознаени како позитивни општествени чинители. Вашето место, како важни општествени чинители е тука - заедно со нас и народот“, стои во соопштението на Вардарци.

Луѓето од управата, навивачите на Вардар веќе иницираа кампања за собирање средства преку продажба на сезонски карти, пракса позната и во големите европски клубови.

Цената на сезонски билет е 1.000 денари и наиде на убава реакција кај јавноста, но црвено-црните сметаат дека е потребно уште многу за пристојно да се одигра новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by FK Vardar (@fkvardar)

 

13 јули 2023 - 13:00