Низ солзи, дедо Кармине вели: „Ве молам! 75 години како одам на овој стадион, без прекин имам сезонска карта и влезница. Имам право да си го гледам мојот натпревар тука во Таранто или макар на 40 километри од тука. Мора да сторите сè што можете. Не смеам да останам без тоа што ме прави жив. Уште малку години ми останаа. Зошто би ми го земале уживањето да си го гледам мојот Таранто, моите бои? Сторете нешто зошто во спротивно ќе ве кобам вечно кога ќе бидам во рајот. Фала ви за сè...“
После ова емотивно видео, Ецио Капуано, тренерот на екипата, и играчите го поканиле дедо Кармине на гости. Му подариле подароци со автограми и разговарале со него.
„Ако некој сочувствува со луѓе како Кармине, и го трга фудбалот од овој стадион и не дозволува оваа екипа да игра повеќе на стадионов, искрено му велам дури и на градоначалникот, да се засрами. Вие и сите тие кои дозволуваат овој бескраен хаос да ја одземе најубавата работа на светот. Не може да се менува град, место, на 500 километри. Засрамете се, ќе носите на совест многу луѓе како Кармине“.
Во меѓувреме градските челници на Таранто изгледа нашле солуција. Градоначалникот на Таранто Риналдо Мелучи побарал од неговиот колега Џузепе Маркиона од градот Бриндизи кој е на 73 километри односно 1 час возење да му дозволи на Таранто да игра таму привремено и добил зелено светло.
Стадионот „Јаковоне“ во Таранто во меѓувреме ќе се реновира до 2026-та за кога се закажани Медитеранските Игри во овој град.