Сигурно сте ја забележале во тв преносите од натпреваирте на Баварците, кога лево од центарот на трибина седат луѓе во бели костими и ја формираат буквата Т и четирите точки - односно логото на спонзорот на Баерн Минхен Deutsche Telekom.
КАКО Е СЕТО ТОА ОРГАНИЗИРАНО?
Логото на генералниот спонзор на Баерн Минхен Телеком со бели костими го формираат вработени во оваа гигантска компанија а кои немале шанса да добијат карти.
Бесплатно им се даваат влезници и обично се 58 лица кои добиваат место преку ждрепка - обично секој може еднаш да оди на стадион бесплатно преку фирмата и да биде дел од формираната буква Т.
За тоа е одредена посебна „Т-зона“ и има инструкција да се дојде стриктно во бела облека (дали маица од Баерн, дрес, блузон или слично) и да се труди да не го напушта местото каде седи. Во случај некој да има потреба од тоалет не е проблематично, најважно за спонзорот е да не се наруши буквата Т визуелно во тв преносот.
Не им е дозволено да пијат пиво како останатите навивачи. Како што велат од прес-службата на Deutsche Telekom за сите овие години од 2005-та па наваму немало ниту еден инцидент некој од вработените кои се дојдени кај буквата Т да направи нешто неадекватно.
Баерн Минхен и спонзорот смеат да го прават овој перформанс само во германските натпреварувања а не и во еврокуповите каде е забрането. Исто буквата „Т“ нема да ја видите на натпреварите преку ден и на крајот од сезоната.
Што се однесува до белата облека, реквизитите најчесто им ги даваат уште пред пристигнувањето во Минхен.
Сите 58 лица најмногу 20 минути пред мечот мора да бидат на своите места каде ќе добијат кратки инструкции: да седат и пожелно е да не го напуштаат столчето.
КОЛКУ ПАРИ БАЕРН МИНХЕН ДОБИВА ОД ДОЈЧЕ ТЕЛЕКОМ?
Во 2022-ра Баерн Минхен и телекомуникацискиот гигант (најголем во Европа по корисници) склучиле нов договор до 2027-ма година. Тоа значи дека соработката ќе им трае најмалку 25 години (започната во 2002-ра). Германски Bild пишува дека Баерн од Дојче Телеком заработува 50 милиони евра годишно!
Покрај визуелната реклама на трибините, компанијата е генерален спонзор и на дресовите на Баерн а Баварците добиваат и 5G сигнал на целиот стадион.