По триумфот во римското дерби кое сезонава Лацио го доби и во Купот и во првенството на Италија, навивачите обесија кукли со дресовите на тројца фудбалери на Рома и оставија порака до навивачите да спијат со запалено светло.
Потоа следуваше соопштение од Лацијалите дека не се работело за смртни закани, туку само за потсмев и сеир кој трае уште од онаа нивна историска победа во финалето од Купот на Италија.
Сезоната во Серија А заврши, а тоа беше инспирација за Романистите да им возвратат на истата локација, но на многу пофин начин. Пораката гласи:
„Еден совет без навреда. Спијте со запалена печка. -17“.
Овој нивен натпис практично е еден вид метафора на бодовната разлика меѓу Рома и Лацио. Рома заврши втора со 87 бода, а Лацио петти со 70.
Тролот е оргинален и на место, а со оглед на нивното големо ривалство, ништо чудно да следува и реплика.