На гостување во Лига Европа со 21 автобус и два точаци

Ако Аталанта игра во Лига Европа одиме на гостување со точаци. Ветено - сторено и тоа ден порано од предвиденото. Не е мал залак. Тоа е како да одите со точак од Скопје до Лефкада.

Симоне и Алесандро се најхрабрите навивачи на колото во Лига Европа. Затоа што се дрзнаа да одат на гостување за да ја бодрат Аталанта против Лион со точаци. Предизвик долг во километри: 572, во денови: 3.
 
Момците од северот на Италија почнале да веслаат за Франција во недела попладне на 24 септември и стигнале во Лион во среда на 27-ми. Пристигнувањето биле предвидено за в четврток на денот на одигрување на мечот.

„Се започна со еден муабет и облог дека ако Аталанта влезе во групи во ЛЕ, ќе одиме на некое гостување со точаци. За авантурана се подготвивме за 10 дена. Беше многу тешко, но кога стигнавме и го видовме стадионот, ни помина заморот“.
Симоне и Алесандро се големи навивачи на Аталанта со особена страст кон фудбалот и велосипедизмот, а нивното мото е „Секогаш ќе се потиме за нашиот тим“.

Тргнување за назад им е предвидено за денеска, петок, ама со воз, бидејќи нема да стигнат на време на работа. За гостување на Аталанта дадоа уште едно ветување.
„Спремни сме да го повториме овој подвиг на следниот начин. Ако Аталанта стигне до финале, ние се качуваме на точак“.

Инаку финалето се игра на истиот стадион до каде возеа овие двајца Италијанци. Тимот од Аталанта се врати на меѓународна сцена по пауза од 26 години, а со тоа се врати и ентузијазмот кај навивачите кои на гостување синоќа беа во бројка од околу 3.000.
 
Дел од нив патуваа со коли, дел заминаа организирано со 21 автобус и уште двајца со точаци.
 
Атмосферата во еден од автобусите
29 септември 2017 - 14:30