Одиме од почеток:
Пред последното коло во Лига 2 (четврта лига), на третото место кое последно води директно во трета лига претендираа Нортемптон и Бристол Роверс. Првиве имале подобра гол разлика пред последното коло, па затоа Роверс требале да победат со најмалку 5 гола разлика.
Задачата да им биде уште поголема, Нортемптон во последното коло играше во исто време и го совлада Бароу со 3:1. Тоа значеше дека Роверс во паралелниот меч мораше да слави триумф со најмалку 7 гола разлика! Не баш едноставно и лесно ниту во случај да играле против аматери.
Но задачата колку толку им ја олеснил фактот што противникот Скантроп бил убедливо закован за дното на табелата, со дури 12 бода помалку од претпоследниот тим. Гол разликата им била -61, а на претпоследниот Олдам Атлетик -29.
После прво полувреме Бристол Роверс водел 2:0 и навивачите не верувале дека може да се случи чудо. Но тренерот на екипата, легендарниот „касапин“ Џои Бартон кој за време на играчката кариера важеше за најжестокиот играч во генерацијата, ги мотивирал да тргнат со сите сили.
До крајот Бристол дал уште пет гола, вкупно 7 од кои дури 3 погодоци од 76 до 85 минута.
После решавачкиот гол, навивачите збудалеле од радост и масовно истрчале на терен. Судијата морал да ги враќа играчите на терен да доиграат, а навивачите ги смирувал јорданскиот сопственик на Бристол Роверс Ваел ал Кади.
„Ве молам стоите подалеку од теренот“, им викал Бартон на микрофон, со цел мечот да се доигра уште пет минути колку што останале.
На крајот конечно огромно и незаборавно славје за навивачите и играчите на Бристол Роверс. Триумфот се славел и на улиците по локалните пабови, како да освоиле Лига на шампиони.
Роверс и Нортемптон на крајот од сезоната имале ист број бодови (по 80) и гол разлика +22 но тимот на Бартон постигнал повеќе (71 наспроти 60), така што Бристол завршил трет на табела и оди директно во трета лига а Нортемптон ќе мора преку плејоф.