Нема да претераме ако кажеме дека во отсуство на Кристијано Роналдо, најголеми ѕвезди на Јувентус се Алваро Мората и Дејан Кулушевски.
Офанзивецот кој е играч број 1 и на репрезентацијата на Шведска сезонава на 5 меча постигна 2 гола за Јувентус и е еден од клучните играчи.
Откако Дејан одигра неколку натпревари по ред, тренерот Пирло реши да го одмори синоќа во Будимпешта, па Кулушевски остана на клупата во триумфот на Јуве од 1:4.
По завршувањето на мечот Кулушевски својот дрес му го подарил на Охриѓанецот Марјан Кикески кој бил на трибините:
„Морам ова да го споделам затоа што многу големо задоволство ми направи Кулушевски. После завршување на натпреварот Кулушевски кој не влезе во игра со уште неколку фудбалери и членови на стручниот штаб тренираа на теренот. Тогаш, јас го извадив македонското знаме, Кулушевски веднаш го забележа, дојде кај мене и ми ги подари дресот. Ме направи многу среќен човек и немам зборови со кои можам да му се заблагодарам“, напиша Кикески, а пренесе OhridNews.