Комити го запалија железарскиот рид над Чаир со 87 факели

Најверните навивачи на Вардар на големо се спремаат за јубилејот кој преку цела година го одбележуваат со двата популарни хаштаци: #30ГодиниКомитиЗапад и #70ГодиниФКВардар. Ќе имаат и засилување од Гелзенкирхен.

Комитите запалија 87 факели (годината од кога постојат како навивачка група) во 47 минути (годината кога е оформен ФК Вардар) после 21 часот, застанати во колона долга 500 метри од водоводот на Гази баба до железарскиот рид.
 
На Фејсбук објаснија и зошто најавата за прославата на двата јубилеи се случи токму на тој рид.
„Јубилејот се најави не случајно над Чаир, од таму потекнуваат едни од најсилните Комитски екипи кои во некои други времиња значеа многу во градов, значеа многу кога Чаир беше средина каде владееја Црвено-Црните бои на Вардар, кога Чаир беше артеријата на градот Скопје, населба атрактивна за живеење, старо Скопје со посебен шмек и традиција, со свој белег и препознатливост...Во чест на тие времиња...Како сме другите населби Скопски?“

Големиот роденденски јубилеј на Комити и ФК Вардар ќе го прослават на дербито против Пелистер кое е закажано за 19 ноември на Градски. И за тоа имаат објаснување зошто токму против Пелистер.
„Тоа е клубот кој во поновата фудбалска историја од осамостојувањето на Македонија до денес остави впечаток на клуб со навивачка група која највеќе од сите останати се доближи до нивото на Вардар, пред се поради старата слава и токму тие почетни години од осамостојувањето“.

На ден пред официјалната прослава на двата родендени 30 Години навивачка група Комити Запад и 70 Години Фудбалски Клуб Вардар, Комитите ќе имаат увертира на ракометното дерби од ЛШ меѓу РК Вардар и Рајн Некар кое се игра ден претходно на 18-ти, а за потоа имаат организирано хепенинг со музика и пиво.
 
На дводневната програма ќе присуствуваат и навивачите на Шалке со кои се збратимени од 2004-та година.

9 ноември 2017 - 11:55