Клоп ги остри навивачите без карти да патуваат во Базел

Ливерпул ќе добие само 10.000 влезници за финалето на Лига Европа против Севиља во Базел, што е далеку од побарувачката за карти со која овој клуб се соочува. Клоп ѝ тера инеат на УЕФА и ги вика сите без карти да дојдат.

Јирген Клоп изјави дека нема резон навивачите да се жалат на тоа што продажбата на влезници е ограничена на 10.000.
 
Според договореното само 47% од капацитетот 35.000 гледачи на Сент Јакобс во Базел ќе биде за навивачи. Ливерпул во моментов има 27.000 членови со сезонски влезници. И Севиља и Базел ќе добијат по 10.236 карти за финалето на Лига Европа кое ќе се игра пред мал број гледачи. Најмалку гледачи го гледале финалето на ЛЕ од 2014 во Торино меѓу Севиља и Бенфика.
 
УЕФА соопшти дека пред две години го избрале Базел, затоа што Швајцарија била избрана за домаќин а Сент Јакоб-Парк стадионот е најголем фудбалски стадион во оваа земја. Од УЕФА додадоа и дека во случај Севиља да не ги распродаде сите карти, сè што ќе остане ќе биде наменето кон навивачите на Црвените од Енфилд.
 
Андалузијците играат финале на Копа дел Реј против Барселона само една недела по финалето на Лига Европа. Спротивно на советите од УЕФА оние кои немаат карта да не патуваат во Швајцарија, Јирген Клоп изјави дека сите кои сакаат а се без карти треба да дојдат во Базел.
„Во животот научив да не мислам на она што не можам да го сменам. Не може да го смениме стадионот, прекрасен е и градот и стадионот. Уживање е да дојдеш, дури и ако немаш карти, за да го уживаш градот. Не може да мислиме на капацитетот на стадионот. Ако прашаш кој сака да гледа финале, ќе се јават 30 милиони луѓе за што нема шанси“, вели Клоп.
На финалето на Лига Купот во февруари годинава Ливерпул го бодреле 32.000 навивачи. Пред неколку месеци, навивачките здруженија на Тотенхем, Манчестер Јунајтед и Ливерпул ѝ пишале писмо на УЕФА со барање за објаснување зошто финалето се игра на стадион со толку мал капацитет, но не добиле јасен одговор.
 
Натпреварот за трофејот во ЛЕ се игра на 18. мај од 20:45, а финалето во ЛШ е 10 дена подоцна во ист термин.