Со неколку објави на Твитер поврзани со македонскиот фудбал тој нè купи, а кулминација беше неговиот твит со дресот од Македонија кој го нарачал и кој му стигнал. „Конечно!“ пиша Ким на кого на дресот му стојат испечатени името и бројот 55.
Тој на Твитер го објави и лудото видео со голот на Македонија против Италија со корејски коментатори.
За историскиот меч со Италија во Палермо, пазете го одговорот на Ким:
„Останав буден цела ноќ (разликата во временски зони е цели 7 часа) и го гледав мечот во 4:45 наутро. Бев шокиран! Голот на Трајковски беше луд. Гол од толкава далечина ме направи пресреќен. Вредеше што останав буден цела ноќ. Одбранбените фудбалери беа многу добри на тој меч исто“.
Korean Commentators react to Macedonia's Last Minute Goal pic.twitter.com/fvKOEfrUoz
— Seo-Jin Kim🇰🇷 l 🍒🇲🇰Fan (@AfcbKim) March 25, 2022
Сео-Цин Ким ни откри како се вљубил во македонската фудбалска репрезентација.
Finally! 😍 pic.twitter.com/vrVwj4JQQn
— Seo-Jin Kim🇰🇷 l 🍒🇲🇰Fan (@AfcbKim) April 26, 2022
„Мислам дека има година ипол како ја следам Македонија. Почнав да навивам за нив зошто во репрезентацијата имам неколку омилени играчи. Првиот дуел кој го гледав беше оној со Лихтенштајн кога Македонија победи 5-0. Среќен бев што дадоа толку голови на првиот нивен натпревар кој го пратев“.
Ким има 16 години а неговиот прв одгледан фудбалски меч бил на англискиот КПР (Квинс Парк Ренџерс) зошто таму од 2012 до 2014 играше легендарниот корејски фудбалер Парк Џи-сунг по заминувањето од Манчестер Јунајтед каде што се прослави.
Омилен наш фудбалер на Ким му е Столе Димитриевски.
„Да, тој ми е најомилен зошто тој беше првиот македонски играч што го познавав. Неговите рефлекси се неверојатни. Не го заборавам неговиот настап против Украина на Европското првенство 2020 (Столе одбрани пенал против Украинците)“.
Од клупски фудбал, омилен му е Борнмут.
„Некаде од 2020-та сум навивач на Борнмут зошто во тоа време размислував за кој англиски клуб да почнам да навивам, па логото на Борнмут некако најмногу ми се допадна. Мислам дека направив добар избор што ги одбрав нив. Одличен тим. Повеќе сакам аутсајдери отколку големи клубови“.
На прашањето дали би сакал да ја гледа македонската фудбалска репрезентација во живо, Ким вели:
„Сакам да ја гледам и македонската лига, така што ве молам препорачајте ми клуб! Не можам уште зошто не сум полнолетен, но би сакал кога ќе станам полнолетен да дојдам да гледам некој натпревар во Македонија и да го посетам Скопје за да ги видам убавите споменици. Од европскиот фудбал ја гледам само Македонија и Борнмут, понекојпат Лига на шампиони и Лига Европа. Гледам само натпревари на кои играат мои клубови или омилени играчи.“
Неговата Кореја ќе игра на Светско првенство и тоа во група со Португалија, селекцијата која преку Македонија во баражот стигна на Мундијалот.
„Ќе бидат тешки натпревари против Португалија, Гана и Уругвај. И да ја победиме Гана, Португалија и Уругвај ќе бидат навистина тешки противници. Изгледа тешко да се помине во осминафинале, но мислам дека Кореја може до второ место. За среќа не паднавме во група Е (Шпанија, Германија, Нов Зеланд, Јапонија).