Италија и Македонија ќе играат во полуфинале од баражот за пласман на Светско првенство 2022 на 24 март во Палермо.
Во моментов во Италија според протоколите и мерките од здравствените власти, капацитетот на стадионите е дозволен до 75%.
Во првиот бран продадени биле 6.000 влезници предвидени за сезонците кои имаат членска карта VivoAzzuro за италијанската репрезентација, а во петокот попадне во само два часа биле продадени останатите 20.000 карти во слободна продажба. Во моментов 26.000 гледачи се сигурни, соопштил италијанскиот фудбалски сојуз FIGC.
Италијанските навивачи веруваат дека правилото за 75% капацитет кое важи до 31 март ќе биде ублажено порано и „Ренцо Барбера“ ќе биде исполнет до последно место (37.500 капацитет).
Репрезентацијата на Италија во Палермо се враќа по две ипол години. Последен пат Аѕурите таму играа во 2019-та година кога ја совладаа Ерменија со неверојатни 9-1.
📣 Stadio ‘Renzo Barbera’ già esaurito per #ItaliaMacedoniadelNord❗️
— Nazionale Italiana ⭐️⭐️⭐️⭐️ (@Azzurri) March 4, 2022
Straordinario entusiasmo per il ritorno degli #Azzurri a #Palermo 🙌🏻#Nazionale 🇮🇹 #VivoAzzurro https://t.co/LMo2qVZjYY
Палермо пред неколку години имаше сериозен тим кој неколку сезони по ред играше во еврокуповите. За овој клуб играа ѕвезди како Единсон Кавани, Хавиер Пасторе, Фабрицио Миколи, Лука Тони, Јосип Иличиќ, Пауло Дибала и нашите Александар Трајковски и Илија Несторовски.
Од пред пар сезони клубот беше пред гаснење а сега се натпреварува во подолниот ранг од италијанскиот фудбал. Од таа причина, жителите на Палермо, желни за добар фудбал, ги купиле сите карти за само два часа.
Победникот од дуелот Италија - Македонија ќе игра против подобриот од мечот Португалија - Турција.
ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ИТАЛИЈАНСКАТА ЛИГА НЕ ГО ОДОБРИ БАРАЊЕТО НА ФЕДЕРАЦИЈАТА
Италијанската фудбалска федерација официјално побара од раководството на Серија А на 20 март да не се игра предвиденото коло, да се одложи за понатаму, со цел италијанските репрезентативци од домашното првенство да имаат повеќе време на собирот.
Но Лига го одбила овој апел од селекторот и претседателот на федерацијата, така што викендот на 20 март ќе се игра редовно коло во Серија А, на само четири дена пред мечот Италија - Македонија. За тој викенд е закажано и големото римско дерби Лацио - Рома (недела 20 март од 18 часот).