Муабетот е од пред 27 години или уште од времето кога уште се играл југословенски фудбал. Чкембарите отпатувале во Скопје да ги поддржат Комитите, но не кажуваат за кој натпревар се работи. Биле сместени со нив на Запад и од тогаш не стапнале повеќе таму.
Дербито меѓу Вардар и Пелистер одамна го има изгубено оној драж и во навивачкиот дел. Порано беше фудбалски празник и на теренот и на трибините, а викендов во Битола немаше Комити, бидејќи немаше каде да ги сместат. Тумбе Кафе чека на реновирање.
Иако има муабети дека биле во Битола и си заминале со солиден плен.
Последен пат беа на Тумбе Кафе во 2014-та кога еден од навивачите на Вардар познат под прекарот „Турчин“, во експлозија на шок бомба остана без два прсти.
Кога сме кај Вардар и Пелистер, ривалството не е големо само меѓу навивачите, туку и кај самите играчи кои од многу кошкање знаат да го предизвикаат судијата да го прекине мечот. Така беше на 8 март 1992-та во натпревар од Првата сојузна лига кој потоа Вардар го доби со злужбени 3:0.
Пазете ја фоткава од тој меч. Од едната страна Васко Гунев, Саша Ќириќ, Мирко Спасески, Гајур Садики, Бобан Бабунски и Љупчо Марковски, а од другата Драган Веселиноски, Борче Јовановски, Диме Димов и Жанко Савов.
Долга е историјата на тема Вардар - Пелистер и Комити - Чкембари. Тие го одиграа и првото финалето во Купот на Македонија на 23 мај 1993-та. Го реши Жанко Савов во 88-ма минута, кој тие денови направи тазе трансфер од Пелистер во Вардар.
Коментира Атанас Костовски, а на терен има репортер кој веднаш по голот собра тазе впечатоци од двајцата тренери. Види ова, МТВ пред 25 години практикувале модерни методи како Скај, Раи и другите медиумски гиганти.