Јапонецот Акихиса Вада е будистички свештеник. За него може комотно да се сними документарец или игран филм зошто неговата љубов кон Хајдук Сплит е тотално необична.
Многумина би се сложиле со девизата дека колку му е тешко на клубот, толку навивачите повеќе го сакаат, а тоа најдобро се осликува на примерот на Хајдук Сплит.
Сплитските „били“ со години му гледаат во грб на хегемонот Динамо Загреб кој уште после воведните неколку кола од секоја сезона веќе може да се прогласи за шампион од што доминантен.
Но Торцида, навивачката група на Хајдук од сезона во сезона верно го бодри клубот насекаде. А кулминација и шлаг на одличната сезона во која после многу години до последно се бркаа со Динамо Загреб, се случи на 26 мај на нивниот „Пољуд“.
Таму Хајдук во големото финале на хрватскиот Куп победи 3-1 против Ријека после пресврт и освои прв трофеј после цели 9 години.
Сведок на лудите прослави во Далмација бил и Јапонецот кој веќе неколку години го следи Хајдук.
Акихиса Вада денес славел роденден а најубав подарок добил од саканиот тим. Тој од својот дом од Јокохама само за да го гледа мечот Хајдук - Ријека пропатувал 9.500 километри. Уште низ Сплит се раскажува кога во 2017-та година пропатувал повеќе земји и сменил многу авионски линии и поминал 20.000 километри за да го гледа мечот од Европа Лига меѓу Хајдук и Евертон во Сплит.
„Се вљубив во Хрватска и Хајдук Сплит во 2006-та кога ја гледав Хрватска со Јапонија на Светско првенство кое се одржа во Јапонија. Го гледав натпреварот и бев воодушевен од нив и тогаш почна се“, рекол еднаш Акихиса во разговор за Croatiaweek.com.
Откако почнал да чита и открива многу за хрватскиот фудбал, тој се запознал и со големата страст на навивачите на Хајдук собрани под името Торцида. И тоа буквално „го купило“.
„Гледав фешти кои Торцида ги правела во Сплит и бев вџашен. Ме освоија и тогаш еден Јапонец, Масахико Иноха потпиша со Хајдук па јапонските медиуми почнаа да пишуваат повеќе за клубот“, вели будистичкиот монах.
Аки до таа мера го засакал Хајдук што почнал да учи хрватски јазик на Универзитетот во Токио и да помага во канцеларијата на Туристичката организација на Хрватска во главниот град на Јапонија.
Првпат го почуствувал амбиентот на стадионот „Пољуд“ во 2011-та кога Хајдук играл против Ријека во првенството. „Во Сплит видов дека луѓето беа многу љубезни и пријатни. Тоа уште повеќе ми ја засили љубовта за Сплит и Хајдук“.
Од тогаш тој направил неколку патувања од Јапонија до Сплит а бил и гостин на клубот во 2015-та кога Хајдук го прослави 104. роденден. Аки научил и песни од Торцида и знае што значат сите зборови. Тој дури на својот ѕид во станот во Јокохама ги напишал зборовите од хрватската химна.
Целиот дом му е преполн со шалови, маици и дресови од Хајдук.
Десантот на Армада Ријека со брод во Сплит за финале на Куп
Хајдук освои пехар после цели 9 години, Сплит гореше од прослави