Градско дерби без навивачи

Препознатливите кореографии на навивачките групи кои прават спектакл на римското дерби, овој пат нема да ги гледаме. Навивачите на Рома и Лацио ќе го бојкотираат и вториот нивни дуел оваа сезона. 

На четири дена до стартот на вечното римско дерби и двете навивачки групи официјално го најавија својот бојкот. Олимпико во Рим кој некогаш сјаеше со 80.000 навивачи овој пат нема да се наполни ниту до пола.
 
Според последните пишувања на италијанските медиуми за сега се продадени само околу 10.000 карти и заедно со оние кои имаат годишни билети во недела се очекуваат максимум 25.000 гледачи.
 
Во еден од римските квартови каде живеат навивачи на Рома ноќеска се појавија транспаренти со натпис: „Родени да бидеме против моќта и за љубов која не познава бариери“.
 
Токму тоа е причината поради која Романистите најавија дека нема да се појават на нивната препознатлива трибина Курва Суд која е поделена со плексиглас. Образложение на властите е дека тоа го направиле поради безбедносни причини.
 
Кај навивачите на Лацио кои исто така бојкотираат оваа сезона поради поделената Курва Норд, причините се уште подлабоки. Тие се во “војна“ со претседателот на клубот Клаудио Лотито кој во пресрет на дербито ги обвини дека шират проституција и дрога.
 
Навивачите на Лацио и Рома веќе организираа групно следење на дербито на две одделни локации во Рим.
 
Слики од првото дерби оваа сезона
 
31 март 2016 - 21:29