Артур Боруч, голманот на Борнмут, водеше навивање против Ренџерс

Полскиот репрезентативен голман зад себе има богата кариера. Цели 5 години го чуваше голот на Селтик, потоа бранеше во Фиорентина, па во Саутемптон и сега е во премиерлигашот Борнмут.

Паузата во домашните првенства за еврокуповите, Полјакот ја искористил да скокне до Глазгов каде од гостинската трибина ја бодреше својата Легија Варшава против Глазгов Ренџерс во плејофот за Лига Европа.

Ренџерс, кој од клупата го води Стивен Џерард, славеше со 1:0 со гол во 90+1’ минута и се пласираше во групната фаза од Лига Европа.

Боруч немал дозвола од клубот да земе слободен ден, па тренерот на премиерлигашот (1 победа, 1 пораз и 1 нерешена во првите 3 кола од Премиер), Еди Хау не бил најзадоволен и можно е да го санкционира Боруч кој нема да се најде на клупата за резерви во сабота попладне против Лестер.

Навивачите на Легија Варшава во второ полувреме извадија тифо со ликот на Папата Јован Павле II, веројатно со цел да ги изиритираат домашните навивачи на Ренџерс, кои во мнозинство се протестанти и се големи ривали со навивачите на Селтик од кои повеќето се Католици.

Полските навивачи во еден момент направија и прекин на мечот со употреба на пиротехнички средства.