500 денари по натпревар за секој навивач на Баерн со сезонски билет

Германските клубови и натаму држат лекции за тоа како треба да се ценат верните навивачи и нивниот џеб. Половина екипи од Бундеслигата ги поскапеа цените на влезниците за следната сезона, но тоа не е ништо за нивниот стандард.

Ако го видите огромниот процент на исполнетост на стадионите во Бундеслигата изминативе години на секој натпревар, да не се чудите. Германците и натаму се цареви во политиката која ја водат спрема навивачите за кои се свесни дека се во нераскинлива врска со клубовите.
 
Да се биде навивач на Баерн Минхен е привилегија не само поради тоа што е 5 кратен европски првак и најтрофеен клуб во Германија, туку и поради тоа што за овој светски гигант се нудат сезонски билети кои секој може да си ги дозволи.
 
Втората најефтина сезонска карта за следната сезона во Бундеслигата ја нуди токму 27 кратниот шампион на Германија. Таа изнесува 140 евра со кои може да се изгледаат 17 натпревари на Алијанц арена. Тоа му доаѓа по 8,2 евра по натпревар. Најскапата е 750 евра.
 
Единствениот клуб со поефтина понуда од Баерн за следната сезона е Волфсбург чија сезонска влезница чини од 130 до 400 евра.
 
Навивачите на Борусија Дортмунд за сезонска карта ќе треба да издвојат од 211,5 до 733 евра или 2,2% повеќе од лани, а со најскапи влезници излезе Хамбург, единствениот клуб кој ги симна цените. Тие се движат од 224 до 805 евра или 0,8 и 0,2 проценти помалку од лани.

Од осумте клубови кои ги поскапеа сезонски карти, најмногу се опушти Хановер. Нивната најефтина карта е 185 евра или 23,3% повеќе од минатата сезона, а најскапата изнесува 695 евра или 26,4% поскапо од лани.
 
Знаете ли дека во овие цени не е вклучен само влез на стадион, туку и превоз до стадион, па така навивачите на денот на одигрување на натпрварите имаат гратис јавен превоз.
 
Драстично поскапи цени на сезонски влезници со Бундеслигата има во Премиер лигата. Таму не се наоѓа сезонски билет под 500 фунти, а доколку сте навивач на Арсенал ќе го кркате, бидејќи нема карта под 1.200 фунти.
 
Како е кај нас? Па повеќето од клубовите не ни имаат сезонски карти на продажба. Со доста поволна понуда минатата сезона излезе Вардар кој за сите натпревари во домашното првенство и Купот пушти во продажба сезонски карти по цена од 1.200 денари. Македонскиот првак понуди и Вардар Пасс за 2.600 денари кој важи за сите натпревари на ФК, РК и ЖРК Вардар.
21 јуни 2017 - 15:57