Кога и како стана навивач на Лацио?
Тоа беше 1993 година кога имав 14 години и кога го гледав дома на тв. Лацио играше против Интер и еден играч се издвои на терен. Беше екстремно брз и ѝ создаваше проблеми на одбраната составена од Бепе Бергоми и Рикардо Фери. Го носеше дресот со број 11 и имаше сина коса, но тоа што ме воодушеви беше неверојатниот гол. Тоа беше љубов на прв поглед. Тој гол и прекрасните бои на Лацио ми го освоија срцето, а играчот како што сите сфатија е Џузепе Сињори, човекот кој “направи“ да станам навивач на Лацио.
Страста за клубот те натера да напишеш книга. Што те инспирираше за да ја напишеш „10.000 км за тебе“?
Сè започна откако ја прочитав книгата на Тим Парк „Сезона со Верона“. Инаку има две причини кои ме натераа да ја напишам: Ширењето на лацијалството и затоа што мислам дека фудбалот треба да се следи и доживува на стадион, а не на тв. Се надевам дека преку оваа книга ќе испратам порака не само до Лацијалите, туку до сите страствени фудбалски навивачи во цел свет да одиме на стадион. Кога гледам толку многу празни места на Олимпико ме боли. Разбирам да се биде против Лотито, се сложувам со тоа, но не треба да го напуштивме нашиот тим. Вистинските навивачи се оние кои ги полнат трибините и одат на гостувања во Италија за да го бодрат својот клуб. Нашата страст треба да продолжи без разлика дали се победува, се губи или се игра нерешено. Последна и не помалку важна причина за пишувањето на книгата е што се трудам да донирам еден дел од заработката за да помогнам за жртвите од земјотресот во Аматриче.
Кога го формираше фан клубот?
Лацио Сингапур го формирав заедно со мој другар во 2007-ма и сега сме една мала група од 30 членови. Но бројката мислам дека не е важна, од секогаш верувам во квалитет, отколку во квантитет. За секој натпревар се собираме и гледаме заедно на компјутер, но за жал не секогаш сигналот е добар.
Што значи Лацио за вас?
Тоа е стил на живеење кој ни припаѓа. Работам напорно преку цела година и штедам пари за да си дозволам патување во Рим. Да бидам на трибина и да пејам заедно со илјадници Лацијали ми го дава најголемото задоволство. Курва норд е посебно и свето место, ми дава слобода и заборавам на сите грижи.
Во Азија има и други фан клубови на Лацио меѓу кои Лацио Тајланд. Имате контакти со нив?
Да, се разбира. Направив група на Фејсбук која се вика Лацио Азија со цел да ги обединам сите Лацијали од Азија по едно исто знаме. Има членови од Виетнам, Тајланд, Јапонија, Малезија, Хонг Конг, Кина, Индонезија, Австралија, Камбоџа, па дури и од Иран. Имам контакти со сите нив и за време на финалето на италијанскиот Супер Куп минатата година, се собравме сите заедно за да го бодриме Лацио. Можеби нашата кореографија не беше покажана на Раи, но направивме транспарент 20x20 метри со летот на јастребот над небото во Шангај.