Се работи за Светското првенство во 1986-та година во Шпанија, но не за оној познат натпревар во полуфиналето против Советите кој репрезентацијата го загуби со 90:91 по продолжение, а откако на 50 секунди пред крајот имаше плус девет за Советите да дадат три тројки. Тука нема што да се додаде - во кошарката такви пресврти се случуваат, еднаш на 100 натпревари, но се случуваат. Ниту мене многу работи од тие натпревари и денес не ми се јасни, па немам право да им солам памет на други.
Се случуваа тогаш во Шпанија и други бизарности на кои никој не се сеќава. Бизарен беше и самиот состав на репрезентацијата кој Крешо Ќосиќ го одведе на СП - тоа беше чудно друштво чие доба се растегаше во распон од 17 години - од тинејџерот Владе Дивац до 35-годишниот Дражен Далипагиќ.
Мерцедес - капетан на воен брод
Тоа шарено друштво се покажа како добра комбинација на теренот, а надвор од теренот се држевме во помали групи и „ординиравме" на Тенерифе каде се играше воведната група. Една вечер помошниот тренер Дуда Ивковиќ не фати на полноќ и тоа цела екипа освен двајца кои останаа во хотелот да играат пинг-понг за пари. Еден од последните кој пристигна во хотелот беше нашиот центар, во прегратка на првата жена која станала капетан на воен брод во историјата на шпанската морнарица. Се викаше Мерцедес и беше висока околу 190.
На тој Тенерифе за прв пат во живот играв „црвено-црно" во казино, за ситна пара. Не фатија и новинарите пред чии очи јас Зоран и Данко по полноќ влеговме во такси со хостесите. Едната се викаше Има, а другата имаше неизговорливо име, па ја викавме Нема. Има и Нема. Па состанок, па бла-бла-бла, па перење мозок, па објаснување на жените дома дека не е сè како што пишува во весниците, стереотипи од холивудски филмови...
Но вистинската приказна се случи дури откако си отидовме од Тенерифе и стигнавме во Овиедо каде се играше меѓугрупата. Тогаш во шпанските весници се појави информација дека „репрезентацијата на Југославија силувала една хостеса на Тенерифе". Па повторно објаснување на жените дома дека „не е сè како што пишува во весниците". И повторно состаноци и интерни истраги.
Вистината беше дека една хостеса некоја вечер се сокрила во плакар во собата на Дражен Петровиќ кој беше голема ѕвезда. Дражен ја исфрлил од соба, а подоцна друга хостеса паднала на скали и заработила четири конци на рака, па кога тие две приказни се споиле, се објави онаа приказна за силувањето.
Стојковата „банана" низ обрач
Цвјетичанин на истекот на полувремето на натпреварот против Нов Зеланд погоди шут од својата половина на теренот и доби Алфа Ромео - акција која ја организираше еден од спонзорите. Алфа тогаш за нас беше чудо на капитализмот за кој само сонувавме. Тогаш беше невозможно да се донесе автомобилот во СФРЈ, па на лице место се претвори во одредена сума на пари и неколку спонзорски подароци. Тој беше единствен играч кој доби некаков бонус за бронзениот медал.
Стојко Вранковиќ на еден натпревар на противнички играч му залепи „банана" низ обрач. Знаете она, стоеше точно под кошот и блокираше со раката низ мрежата и обрачот, не допирајќи ништо друго освен топката. Судиите беа шокирани, па дозволија играта да продолжи додека ние се смеевме затоа што добро го познававме Стојко и неговите можности, за разлика од судиите.
Го изгубивме натпреварот во меѓугрупата од Американците кои подоцна станаа шампиони, но ако во некој случај ги добиевме Советите, да не им поминеше една од оние три тројки во последната минута, ако на теренот не беше младиот Дивац кој ја изгуби последната топка или да шутиравме слободни фрлања наместо да изведуваме од страна како што тогаш беа правилата, ако во последниот напад ја чувавме топката па таа воопшто да не дојдеше до Дивац или..., или..., или... ќе бевме победници на вториот меѓусебен натпревар. Несомнено ќе бевме светски шампиони.
Само еден детаљ - Дражен тогаш го чуваше Магзи Богс, еден од најниските кошаркари кои сум ги видел во животот и најнизок играч кој некогаш го чуваше Дражен. Висок е 160 сантиметри и Дражен по натпреварот во соблекувалната рече „Не знаев дали да го заобиколам или да го прескокнам!".
За оваа генерација на кошаркарската репрезентација на поранешна Југославија, односно за пријателството меѓу Владе Дивац и Дражен Петровиќ кое беше прекинато со војната, ESPN во 2010-та година го сними документарецот "Once brothers"