Тројца браќа во иста НБА екипа - првпат во историјата на лигата

Еден од најдобрите кошаркари на светот, Гркот Јанис Адетокунбо и неговите двајца браќа Алекс и Танасис ќе бидат дел од составот на Милвоки Бакс во новата сезона.

Првпат во 79-годишната историја на НБА во една иста екипа ќе има тројца браќа. Сите ќе го носат дресот на тимот од Висконсин, Милвоки Бакс. Јанис Адетокунбо е права и најголема клупска легенда на Бакс кои ги водеше до шампионска титула во 2021-ва година а притоа и два пати беше избран за најдобар, најкорисен играч во лигата и го доби признанието МВП.

Најмладиот од браќата, Алекс Адетокунбо играше досега во развојната лига на НБА, Џи-Лига за Висконсин Херд кој е филијала на Милвоки Бакс. Сега со двонасочен договор тој ќе може да игра и за првиот тим и за филијалата во текот на сезоната.

Во меѓувреме, медиумите во САД пишуваат дека Јанис Адеткунбо летово активно размислувал да го смени тимот и да бара нов предизвик, па овој потег на Милвоки Бакс може да се гледа како обид да го сочува неверојатниот кошаркар во своите редови.

Тројцата браќа сега ќе делат иста соблекувална, што е реткост и во професионалниот спорт.

16 октомври 2025 - 12:35