Судиите со поддршка за колегата

Арбитрите кои ќе ја делат правдата на финалните мечеви од разигрувањето за шампионската титула во НБА лигата меѓу Мајами и Оклахома во знак на поддршка на својот колега, Грег Вилард, кому му е дијагностициран рак на панкреасот на своите дресови ќе го носат бројот 57.

Токму оваа бројка на својот дрес ја носеше Вилард, кому пред неколку дена му беше откриена тешката болест, а последен пат на теренот беше пред една недела кога ја делеше правдата во финалето од Истокот меѓу Мајами и Бостон.

"Со овој гест сакаме да му дадеме поддршка на нашиот колега и на неговото семејство во најтешката животна битка. Сакаме да му порачаме на Грег дека ние сме постојано со него и се молиме тој да ја победи тешката болест", изјави Ли Сехам, првиот човек на судиската организација во НБА лигата.

За Вилард ова беше 24-та сезона како судија во лигата и во својата долга кариера ја делел правдата на преку 1500 натпревари во првиот дел од сезоната и на 120 дуели во разигрувањето за шампионската титула.

12 јуни 2012 - 02:56