Четири месеци по едно од повозбудливите финалиња во последните години во која Мајами го совлада Сан Антонио по седум натпревари, започнува новиот лов на шампионските прстени.
Без поголеми промени во играчкиот состав, Мајами Хит повторно е главен фаворит за освојување на титулата. Посебен предизвик за Леброн Џејмс, Двејн Вејд, Крис Бош и пријателите, предводени од Ерик Сполстра, ќе биде и освојувањето на третата титула во серија, нешто што во поновата историја на НБА лигата им успеа само на ЛА Лејкерс и Чикаго Булс.
Кошаркарите на Мајами немаат голема конкуренција на истокот, но не би требало да се отпише Чикаго Булс со опоравениот Дерик Роуз, а сметките би можеле да им ги замрсат и Индијана Пејсерс и Бруклин Нетс.
Поизрамнета борба ќе се води на западот каде фаворити се Оклахома Сити Тандер со Кевин Дурент и Расел Вестбрук, Хјустон Рокетс засилени со Двајт Хауард, Сан Антонио Спарс со искусните Данкан, Џинобили и Паркер и ЛА Клиперс со Крис Пол и новиот тренер Док Риверс.
Секако најголем интерес кај нас ќе привлечат натпреварите на Атланта Хокс и настапот на првиот Македонец во НБА лигата. Перо Антиќ добиваше се поголема минутажа на последните претсезонски натпревари и се очекува да одигра важна улога во тимот од Џорџија, а посебно во дефанзивната линија.
Се очекува Атланта без поголеми проблеми по седми пат во серија да се пласира во плејофот, а според кладилниците тие се седми фаворит во источната конференција со коефициент 56 и 16-ти фаворит за титулата со коефициент 81.
Кофициентот за третата титула во серија на Мајами е 3, зад нив се Оклахома (6,75), Чикаго Булс (9), Бруклин (10), Хјустон (11) и минатогодишниот финалист Сан Антонио со коефициент 13.
Новата сезона ќе започне вечерва со натпреварите помеѓу Индијана и Орландо, Мајами и Чикаго, како и градското дерби помеѓу Лејкерс и Клиперс, а во четврток наутро во 1:30 часот по наше време, Перо Антиќ со Атланта ќе гостуваат кај Далас Маверикс.