Шоуто на Леброн и другарите против Бразил

САД со 35 поени разлика, 122:87 го растури Бразил во четвртфиналето на Олимписките Игри и очекувано обезбеди лесен пласман во полуфинале каде ќе игра со Србија која беше подобра од Австралија 95:90. САД има неверојатен состав, а најефикасни против Бразилците беа Девин Букер со 18 поени и Ентони Едвардс со 17 поени. Двоцифрени беа уште и Ембид со 14 поени и седум скока, Ентони Дејвис со 13 поени и осум скока, Леброн Џејмс со 12 поени и девет асистенции и Кевин Дурент со 11 поени.

На овој натпревар Кевин Дурент ја надмина легендарната Лиза Лесли по број на поени за американската кошарка на Олимписки Игри. Дурент на 3:06 пред крајот на третата четвртина со Бразил постигна шест поени и стигна до 489 поени.

Со тоа ја надмина култната Лиза Лесли која имаше исто 4 настапи на ОИ со 480 поени и четири злата. Дурент на крајот стигна до 494 поени и сигурно до крај на Игрите ќе го подобри својот рекорд за САД.

Дурент цели да стане првиот кошаркар во олимписката историја со четири злата откако веќе освои прво место на Олимписките Игри во Лондон 2012, Рио 2016 и Токио 2021.

7 август 2024 - 10:04