ПСЖ испадна од Купот на домашен терен, пенали им бранеше нивен голман позајмен во Ница

Првпат после осум години Пари Сен Жермен нема да игра во финалето на францускиот Куп. И покрај тоа што играа со Меси, Мбапе, Верати, Икарди и сите други ѕвезди, Парижаните не можеа да ѝ дадат гол на Ница која го однесе мечот на пенали.

Главен настан пред 1/8 финалето на францускиот Куп меѓу ПСЖ и Ница беше враќањето на Лионел Меси и тоа со нов број 10. Како што Французите решија да се држат до старата традиција, правилата во францускиот Куп налагаат секој тим да има од број 1 до број 11 во првиот тим како на времето.

Така Аргентинецот првпат го облече дресот со број 10 поради тоа што Нејмар во моментов е отсустен поради повреда.

Но бројот 10 не му ја врати магијата на Меси кој не успеа да го совлада неверојатниот полски голман на Ница Марчин Булка. Интересно овој голман е под договор во ПСЖ, само е позајмен во Ница.

Полјакот стана јунак на мечот. Во регуларните 90 минути и во продолженијата ПСЖ имаше 70% посед на топка на својот „Парк на Принцовите“, но не успеа да го совлада.

Во пенал серијата Булка им ги одбрани пеналите на Леандро Паредес и 18-годишниот Хави Симонс. Претходно Меси и Мбапе дадоа голови, а Донарума му одбрани на Анди Делор. Но на крајот 5:6 на пенали за Ница која оди понатаму.

Верувале или не, ова беше прва пенал серија во целата клупска кариера на Лионел Меси. Претходно учествуваше во пенал рулет само со Аргентина.

22-годишниот голман Булка почнал да брани во младинската школа на Барселона, па бил во академијата на Челси. Од 2019 е во ПСЖ каде успеал да запише два настапи во Лига 1.

Во Ница не е стандардно прв голман, туку брани само во Купот, така што овој меч за него бил само втор сезонава. По ваквиот настап сигурно ќе добие повеќе шанса.

ПСЖ нема да игра во финале првпат од 2014-та. Имаа серија од дури 7 финални дуели во Купот а победија на 6. Актуелен шампион во францускиот Куп е токму ПСЖ.

Интересно, Парижаните не постигнаа гол во Купот првпат од 2011-т година кога изгубија од Лил во финале со 1:0.

Меси не постигнал гол за ПСЖ од 7 декември (кога даде два против Бриж во ЛШ). Тој меч е негов единствен ефикасен во последните 9 меча.

„Мислам дека игравме подобро од Ница. Создадовме повеќе шанси и повеќе ја заслуживме победата. Минатата сезона го совладавме Монтпеље на пенали, овојпат не успеавме. Може ли испаѓањето од Купот да има последици по сезоната? Не знам“, изјави тренерот Почетино кој додал и дека младиот Хави Симонс шутирал пенал на барање на играчите.

 

Ница во 1/4 финале ќе игра против Марсеј. Тимот предводен од одличниот тренер Кристоф Галтие игра сјајна сезона. Во Лига 1 Ница е на второ место со 11 бода зад ПСЖ. Во декември Ница еднаш оддолеа во Париз каде исто мечот заврши 0:0.

1 февруари 2022 - 09:50