Кошаркарите на Мајами Хит на гости го совладаа Милвоки 128:126 после продолженија и со вкупни 4-1 го урнаа шампионот на НБА од 2021-ва.
Пак, како и на претходните дуели главен јунак на триумфот беше Џими Батлер.
Бакс во последната четвртина влегоа со предност 102:86, но Хит се врати со луда тројка на Џими Батлер и израмни 111:111 на две минути и 11 секунди пред крајот на регуларниот дел.
На само две секунди пред крајот на мечот при водство 118:116 на Милвоки, Батлер одново постигна нереален кош по уфрлање на топката од страна од аут и го однесе мечот во продолженија.
А таму гостите од Флорида имаа плус седум поени предност, Милвоки се врати и имаше последен напад за победа но Грејсон Ален не успеа да ја исфрли топката н време и Мајами направи чистка со вкупно 4-1 во триумфи.
Џими Батлер го заврши мечот со 42 поени, само два дена по неверојатната историска партија со 56 поени против Бакс со што влезе на вечната листа на рекордери и најдобри поентери во плејоф историјата.
Гејб Винсен беше одлична поддршка за Батлер со 22 поени, а трипл-дабл учинок запиша Бем Адебајо со 20 поени и по 10 скока и 10 асистенции.
Кај домашните, Јанис Адетокумбо имаше фантастична партија со 38 поени и 20 скока, Крис Мидлтон додаде 33 поени а Брук Лопез се закити со дабл-дабл учинок со 18 поени и 10 скока.
Сега во полуфинале на Истокот, Мајами ги чека Њујорк Никс кој го елиминираше Кливленд Кавалирс од плејофот.