Почна НБА шоуто - шампионот Денвер и Јокиќ со победа отворија над Лејкерс

Денвер Нагетс ја забележа десеттата победа по ред над ЛА Лејкерс во НБА лигата. Синоќа во 1. коло од плејофот беше 114:103 за шампионот.

Дуелот меѓу Денвер Нагетс и ЛА Лејкерс беше тесен уште од самиот почеток, сличен на пресметките од минатосезонскиот плејоф. Леброн Џејмс и Ентони Дејвис на одличен начин го водеа својот тим во „Бол Арена“ во Денвер.

На средина на третиот приод Лејкерс, кој преку таканаречениот плеј-ин се избори за плејофот, имаше водство 69-71, но шампионот тогаш ги стегна редовите, заигра поснажна одрбана и на старт на последната четвртина водеше 96:81.

На крајот 114:103 за првакот. Никола Јокиќ одигра уште една блескава партија со 32 поени, 12 скока и седум асистенции. Одлична поддршка Србинот имаше од Џамал Мареј кој уфрли 22 поени со шест скока и 10 асистенции и Мајкл Портер Џуниор кој додаде 19 поени со осум скока.

Леброн Џејмс го заврши мечот со 27 поени (18 во првиот дел), шест скока и осум асистенции. Ентони Дејвис имаше супер вечер со 32 поени, 14 скока и пет асистенции.

Вториот натпревар од серијата ќе се игра во ноќта меѓу понеделник и вторник а Денвер Нагетс одново ќе биде домаќин. Сезонава Јокиќ и другарите имаат 38 триумфи и 8 порази на домашен паркет а од Лејкерс последен пат загубија на 16. декември 2022-ра.

ТРИУМФИ ОСТВАРИЈА УШТЕ И КЛИВЛЕНД, ЊУЈОРК, МАЈАМИ, МИНЕСОТА И ЊУ ОРЛЕАНС

Во вториот најинтересен дуел од 1. коло Њујорк Никс го одбрани домашниот терен на почеток на серијата со Филаделфија Севентисиксерс.

Во „Медисон Сквер Гарден“ Њујорк победи 111:104. Џош Харт постигна 22 поени со 13 скока, Џајлен Брансон додаде 22 поени со по седум скока и асистенции а Мајлс МекБрајд запиша 21 поен со три скока и четири асистенции. Бојан Богдановиќ имаше солидна вечер со 13 поени.

Кај Филаделфија Џоел Ембид постигна 29 поени со осум скока и шест асистенции, Тајрис Макси стигна до 33 поени, а Кајл Лоури до 18 поени.

Ембид при еден обид силно да забие се повреди при спуштањето на паркет и некое време отсуствуваше од теренот. Се врати дури во вториот дел, а тренерот на Филаделфија, Ник Нурс рече дека Ембид кој потврди дека ќе игра за САД на Олимписките Игри летово во Париз, е неизвесно дали ќе настапи на вториот меч во серијата со Никс.

Резултати, 1. коло плејоф на НБА:

МАЈАМИ ХИТ - ЧИКАГО БУЛС 112:91
ЊУ ОРЛЕАНС - ПЕЛИКАНС САКРАМЕНТО КИНГС 105:98
КЛИВЛЕНД КАВАЛИРС - ОРЛАНДО МЕЏИК 87:83
МИНЕСОТА ТИМБЕРВУЛВС - ФЕНИКС САНС 120:95
ЊУЈОРК НИКС - ФИЛАДЕЛФИЈА 76' 111:104

Cup tree provided by Sofascore
21 април 2024 - 09:19