Според пишувањата на Њујорк Пост, Дојл го планирал својот подвиг уште пред почетокот на сезоната, без да очекува што може да им се случи на Никси. Моментално невработениот мега навивач на Њујорк земал 25.000 долари од сумата која што ја штедел неколку години за да може дома и на гости да патува со екипата.
Пред да почне сезоната, Дојл платил 9.000 долари за сезонска авионска карта до сите места каде ќе гостува Њујорк Никс. Административните трошоци досега го чинеле повеќе од 750 долари, а за карти за натпреварите на гости одвоил повеќе од 4.000 долари. Сезонска влезница за Медисон Сквер Гарден изнесува 3.500 долари.
„Апсолутно ниту еднаш не помислив дека може да тргне вака катастрофално. Никој не веруваше. Во еден момент сфатив дека поразите може да донесат само долгорочна промена и тоа ме водеше. Искрено се навикнав, така што секој пораз не ми паѓа тешко како на почетокот“, изјавил Дојл за Њујорк Пост.
Навивачот додава и дека никој не му влијаел на одлуката да потроши цел куп пари за да патува насекаде низ САД и да ги гледа Никси.
„Ја купив по своја иницијатива. Никој не ми сугерираше да го направам тоа. Нема да се откажам затоа што многу далеку отидов. Потајно знаев дека има шанса ова да биде уште една пропадната сезона. Мислев и верував дека можеме барем до осмото место и Плејофот, но се покажа спротивното“, заклучува Денис Дојл.
Њујорк Никс во моментов се најслабата екипа во НБА лигата со само 5 победи и дури 35 порази. На домашен терен добија само 3 од 17 средби, а сега ќе играат и без повредениот Кармело Ентони.