Обрадовиќ го напушти Панатинаикос

По тринаесет години минати на клупата на Панатинаикос, еден од најтрофејните кошаркарски тренери во Европа, Жељко Обрадовиќ реши да не ја продолжи соработката со клубот од Атина.

"По 13 години прекината е соработката со нашиот тренер, Жељко Обрадовиќ. Семејството Јанакопулос сака јавно да му се заблагодари на Обрадовиќ за се што постигна во периодот додека беше на чело на нашиот клуб. Неговото име со златни букви ќе биде испишано во историјата на Панатинаикос", се вели во соопштението кое го објави грчкиот клуб.

Медиумите ја пренесуваат и писмената изјава на српскиот тренер во која тој исто така се заблагодарува за извонредната соработка со сите луѓе во клубот.

Обрадовиќ во изминативе 13 години како тренер на Панатинаикос освои 23 трофеи од кои пет во кошаркарската Евролига, 11 национални шампионати, а во Купот на Грција освоени се седум пехари.

Панатинаикос долго време се обидуваше да го задржи Обрадовиќ на тренерската функција дури и му нудеше 25 проценти од акциите на клубот, но наводно прекинот на соработката дојде откако наместо бараниот буџет за засилувања од 15 милиони евра, тој на располагање добил три милиони помалку.

Неодамна Обрадовиќ се поврзуваше со можен трансфер во московска ЦСКА, но сега се шпекулира дека е многу блиску до преземање на Андадолу Ефес од Истанбул.

12 јуни 2012 - 18:11