Денвер Нагетс конечно ја прекина серијата од 3 порази по ред по враќањето на Јокиќ на паркетот после незгодната повреда и долга пауза. Како да му годеше таканаречената српска вечер во Чикаго каде пред натпреварот српски културни уметнички друштва од САД играа традиционални ора и танци:
Јокиќ импресионираше со 22 поени, 17 асистенции и 14 скока, а запиша плус и четири блокади и една одземена топка. Србинот шутираше 7/12 за два и 2/2 за три поени а од слободни фрлања немаше промашување 6/6.
Ова е 182. трипл-дабл во НБА кариерата на Сомборецот а 19-ти сезонава, со што го надмина легендарниот Оскар Робертсон (181) на вечната листа. Прв уште е Расел Вестбрук со 207 трипл-дабл учиноци.
Џамал Мареј ја потврди животната форма со нов дабл-дабл учинок од 28 поени, 11 асистенции, а Тим Хардавеј уфрли 23 поени. Кај Чикаго Булс Матас Бузелис постигна 21 поен со 8 скока, Колин Секстон додаде 17 а по 15 имаа Ник Ричардс и Анферни Симонс.
Со овој триумф Денвер Нагетс е трет на Западот со учинок 34 победи и 19 порази а Чикаго Булс е 11-ти на Исток со 24-29.
Тренерот на Денвер Нагетс Дејвид Аделман кој е во франшизата од 2017-та, односно од третата сезона на Јокиќ во клубот, вели дека уште се фаќа себеси како одново и одново е воодушевен од високиот Србин.
„Кога твојот центар дели 17 асистенции во еден натпревар, а тоа не се случува се додека не е тој. Апсолутно неверојатно е што направи досега“.
Џамал Мареј вели дека очекува од Никола Јокиќ кој на 19-ти февруари полни 31 година уште подобри партии сезонава.