Никола Јокиќ не можеше, ама Никола Јовиќ го скроти Антетокумбо

Српскиот репрезентативец Никола Јовиќ (20) беше ѕвезда во победата на Мајами Хит на тешкото гостување кај Милвоки Бакс и тоа преубедливо 123:97. Ова е само ден откако Јанис Антетокумбо го победи шампионот Денвер Нагетс кој играше речиси цел меч без Џамал Мареј и Кентавиус Поуп.

Никола Јовиќ чекаше и конечно дочека прилика да има блескав ѕвезден настап во НБА. Младиот Србин лани беше дел од големото финале на лигата кога со Мајами играа против Денвер Нагетс.

Сезонава Јовиќ добиваше помалку шанса кај тренерот Ерик Сполстра, на последните седум меча едвај врза неколку минути, но синоќа ја дочека приликата да покаже зошто важи за еден од најдобрите млади играчи во НБА.

Никола Јовиќ ги покрива позициите три и четири, а освои сребро во финалето на Светско првенство лани со Србија.

Синоќа во победата над силниот Милвоки Бакс и тоа без лидерот Џими Батлер, на гостински паркет, Јовиќ имаше 24 поени, 7 скока и 3 асистенции. Србинот шутирал 8/13 за два и 5/8 за три поени. Ова е негов нов личен рекорд на кариерата во НБА. Претходниот му беше 18 поени.

Што е уште поважно, Никола Јовиќ успеа во неколку наврати да му одигра сериозна одбрана на двократниот МВП-освојувач Јанис Антетокумбо.

Покрај него одлични во триумфот на Хит беа уште и Данкан Робинсон со 23 поени, Кевин Лав со 19 поени и 8 скока, Тајлер Хиро со 19 поени и Бем Адебајо со трипл-дабл од 16 поени, 12 скока и 11 асистенции.

14 февруари 2024 - 12:37