Ненад Димитријевиќ стана шампион и доби МВП награда за најдобар играч

Репрезентативецот на Македонија Ненад Димитријевиќ беше еден од главните творци на шампионското славје на рускиот клуб УНИКС Казањ кој направи големо изненадување и ги совлада сите ривали во ВТБ лигата меѓу кои и побогати противници со реномирани играчи.

Во петтиот меч од финалната серија меѓу УНИКС Казан и Локомотив Кубан кој домаќинот предводен од сјајниот тренер Велимир Перасовиќ, го доби 98:91 за вкупни 4-1 во серијата, Димитријевиќ постигнал неверојатни 34 поени со 5 скока, 3 асистенции и 1 украдена топка.

Лидерот на македонската репрезентација заслужено ја доби наградата МВП за најкорисен играч во плејофот на ВТБ лигата каде играат неколку силни тимови од Русија, Белорусија и Казахстан и е практично продолжение на руската домашна лига.

Ова е воедно прва шампионска титула за УНИКС во ВТБ Лигата и општо во руската кошарка. За овој клуб кој играше во финалето на европскиот Куп на предизвик (FIBA EuroCup Challenge) каде загуби, па во 2011-та го освои трофејот во Еврокупот, ова е посебно голем успех.

Сјајниот плејмејкер доби честитки од многу познати личности како од Никос Зизис, Александар Трајковски, Ален Омиќ, Данило Анѓушиќ, Марко Поповиќ, Клемен Препелиќ и други.

УНИКС Казан извесно време беше и редовен евролигаш со сосема добри резултати а познати тренери и играчи кои ги бранеле боите на УНИКС се Станислав Еремин, Андреа Тринкиери, Велимир Перасовиќ (актуелен тренер), Кит Ленгфорд, Марко Поповиќ, браќата Лаврниовиќ и други.

ШТО Е СО ЦСКА МОСКВА И ЕМИЛ РАЈКОВИЌ?

Ова е прва сезона за 21 година трофејниот гигант од Москва да не игра финале на руското првенство и првпат во историјата на ВТБ лигата.

Тренерот на екипата, македонскиот стратег Емил Рајковиќ ја освои бронзата откако во дуелите за трето место беа подобри од Зенит Санкт Петербург. Претходно неочекувано изгубија во полуфинале од Локомотив Москва.

Во февруари годинава ЦСКА Москва играше во сјајна форма и забележа историски најдолга победничка серија со неколку триумфи во низа, така што во Русија „армејците“ беа видени за главен фаворит за златото.

На крајот пехарот од ВТБ лигата во која играат врвни кошаркари како Тома Уертел, Адриен Моерман, Никола Милутинов, Ди Џеј Мур, Каспер Вајр и други, му припадна на УНИКС Казан и нашиот Ненад Димитријевиќ кој покажа дека е супер засилување за клубот.

17 мај 2023 - 14:09