Познати НБА тренери и кошаркари уапсени во САД, Чонси Билапс се кладел и местел

Американската федерална служба ФБИ во голема и опширна акција во САД го уапсила познатиот легендарен кошаркар и актуелен тренер на Портланд Трејл Блејзерс Чонси Билапс и кошаркарот на Мајами Тери Розиер за два одвоени предмети за нелегално обложување на разни натпревари. Приведени се 30-ина други лица.

Чонси Билапс кој стана дел од НБА лигата во 1997-ма како трет пик на драфтот, стана шампион во 2004-та кога го избраа и за МВП на финалната серија и најдобар играч во лигата во тој момент. Играше за Бостон Селтикс, Торонто Репторс, Денвер Нагетс, Минесота Тимбервулвс, Деториот Пистонс, Њујорк Никс, ЛА Клиперс и во Портланд Трејл Блејзерс.

Стана и светски шампион со САД во 2010 во Турција.

НБА лигата веднаш ги отстранила привремено од своето натпреварување и Чонси Билапс и кошаркарот на Хит Тери Розиер. Тренерот на Портланд Трејлблејзерс ќе го заменува неговиот помошник Тиаго Сплитер како в.д. тренер.

Билапс се сомничи за поврзаност со илегални покер натпревари и кладења поврзани со мафијата. Тие наводно биле поврзани со членови на криминалните кланови Бонано, Гамбино и Џеновезе, познати уште пред многу децении во САД. Одредени лица користеле тајни камери, обележани карти и разни Х-реј табли меѓу другите методи со цел да измамат други лица за неколку милиони долари.

Чонси Билапс учествувал на овие покер турнири со цел да ги направи полегитимни, да им даде на сериозност како актуелен НБА тренер и да направи „жртвите да веруваат дека седат на многу фер маса“, соопштила портпаролката на њујоршката полиција Џесика Тиш во четвртокот. Билапс наводно бил свесен дека манипулира и дека е дел од измамата, вели обвинителот Џое Нокела.

Уапсен е и бекот на Мајами Хит Тери Розир под обвинение за кладење во спорт. Тој е приведен во хотел во Орландо каде Мајами претходната вечер изгуби од Меџик. Розир не настапил по одлука на тренерот.

Министерството за правда на источниот дистрикт на Њујорк и директорот на ФБИ Каш Пател одржаа прес-конференција за медиуми на која ги соопштија деталите за големата акција.

Розир во НБА има одиграни преку 665 натпревар и во просек има по 13,9 поени по натпревар, 3,9 скока и 3,5 асистенции како играч на Селтикс, Хорнетс и Мајами Хит. Има 31 година, а минатата сезона беше еден од подобрите кошаркари на Мајами.

СОМНИТЕЛНИ КЛАДБИ

ЕСПН пишува дека кладилниците минатата година во повеќе сојузни држави пријавиле невообичаено голем број уплати на „андер“ на Тери Розир пред натпреварот Шарлот Хорнетс - Њу Орлеанс на 23-ти март во 2023-та година (андер е кладба на помал број поени, скокови, асистенции и други параметри).

Набрзо после голем број уплати на тој тип, кладењето било стопирано. Розир одиграл тогаш само 10 минути пред да го напушти теренот поради повреда на стопалото.

Во истрагата е опфатен и Џонтеј Портер, некогашен центар на Торонто Репторс кој во 2024-та година е исфрлен од НБА лигата поради учество во местење натпревари. Тој признал дека е крив и сега пресудата треба да му биде соопштена во декември.

Комесарот на НБА, Адам Силвер потврдил дека тие активно соработуваат со спортските кладилници со цел да се спречи каква било манипулација.

Уапсен е и Дејмон Џонс, поранешен кошаркар а сега помошен тренер. Тој наводно откривал поверливи информации за состојбата на „истакнат“ играч со цел да помогне во нелегално кладење.

Наводно тој „истакнат“ играч бил Леброн Џејмс, пишува ЕСПН. Леброн не е обвинет ниту осомничен во ниту еден случај.

Дејмон Џонс е еден од 30-ина лица уапсени по повеќегодишна истрага која опфатила дури десет амерички сојузни држави и вклучува десетина милиони долари.

Џонс бил неформален, неплатен и член на стручниот штаб на поранешниот тренер на ЛА Лејекрс Дарвин Хам но веќе одамна не е во Лејкерс каде тренер сега е Џеј-Џеј Редик.

Тренерот Редик изјавил дека правилата на лигата за забрана за коцкање е повеќе пати истакната пред играчите, независно од оваа истрага на ФБИ.

„Веќе имавме состанок на таа тема. Овие работи сега на сите им се на ум, посебно последниве години, но освен тоа немам јас дополнителни коментари“, рекол Џеј-Џеј Редик.

24 октомври 2025 - 13:01