Младен Ѓуроски го наследува Перо Антиќ во КФМ?

Некогашниот македонски репрезентативец и кошаркар на повеќе домашни клубови, Младен Ѓуроски во моментов има поддршка од мнозинството клубови во државата и се спрема да биде нов претседател на кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). Но дали ќе изнајде правен пат до фотељата која Антиќ не ја дава?

Младен Ѓуроски од Гостивар е поранешен кошаркар на КК Гостивар, МЗТ Скопје, Работнички, Борац Чачак, Хелиос, Сплит, Цибона и Арад од Романија.

Во последните години Ѓуроски важи за успешен бизнисмен а тој е идеен творец и на „Бизнис лигата“ во фудбал која долги години е мошне добро организирана. Во меѓувреме раководеше и со скијачка школа во Маврово а беше и раководно лице во КК Гостивар.

Зад кандидатурата на Ѓуроски сега веќе и официјално стојат 40 од вкупно 46 професионални клубови присутни на Собранието на КФМ.

Актуелниот претседател Перо Антиќ и неговите соработници од КФМ на Собранието тврделе дека иницијаторите за промени во КФМ немаат правен основ за изгласување ново раководоство.

Според поддржувачите на Ѓуроски само прашање на време е кога Младен ќе седне на челната фотеља во КФМ и дека опструкциите од актуелното раководство се минливи.

19 декември 2024 - 11:42