Перо Антиќ ја напушта НБА за да му се придружи на Фенербахче на две годишен договор со опција за уште година, е последниот твит на човекот кој е најзаслужен што го видовме првиот Македонец кој заигра во НБА лигата. За сега други детали за трансферот нема.
Како слободен агент Антиќ неодамна изјави дека сè е отворено и дека постои можност повторно да го видиме во дресот на Звезда, но центарот Лука Жориќ и најдобриот играч на Фенербахче за минатата сезона Немања Бјелица си заминаа, а Жељко Обрадовиќ бара од управата освежување на тимот кој ќе атакува на Евролигата.
Според анализата на Џонатан Неуман кој пишува за Атланта Хокс на RantSports.com, неговата разделба со Јастребите е најдобра опција за сите. Тој го анализира неговиот придонес и пишува дека од него се очекувало повеќе кога влегувал во игра од клупата за резервни играчи.
Антиќ шутираше со 30% успешност за три поени, беше прилично лош дефанзивец, а не беше баш успешен и во дефанзивните и офанзивните скокови, пишува Неуман.
ЕнБиСи пак наведува дека една од причините поради кои Антиќ заминува од Атланта, е тоа што попрво би играл стандардно во Европа, отколку да не фигурира во НБА каде Атланта не му понуди нов договор.
Перо Антиќ беше дел од Атланта две сезони каде во ротацијата играше на позиција крилен центар и центар. Првата сезона фати поголема минутажа откако се повреди центарот Ал Хорфод.
Во просек по натпревар играше 18,5 минути со учинок од 7 поени, 1,2 асистенции, 4,2 скока и 0,2 блокади. Втората сезона ја заврши со помала минутажа од 16,5 минути по натпревар со 5,7 поени, 3 скока, 0,8 асистенции и 0,2 блокади.
Во двете сезони тој имаше годишна плата од 1,22 милиони долари.