Перо Антиќ е на прагот на НБА. Во текот на утрешниот ден тој треба да потпише договор на 1+1 година со Атланта Хокс, а некои тамошни медиуми веќе и го сместија нашиот капитен во ростерот на овој тим.
Искусниот капитен на кошаркарската репрезентација си го заслужи местото во НБА со настапите и двете европски титули со Олимпијакос, но голем дел од заслугите му припаѓаат и на Миодраг Ражнатовиќ.
Тоа е човекот кој владее со кошаркарските трансфери во Европа. Ражнатовиќ и самиот бил кошаркар и успешно настапувал до 38-та година, но паралелно со неговата кариера на паркетот, тој го завршил и правниот факултет.
Додека играл во пониските лиги, Ражнатовиќ работел како адвокат, а помеѓу клиентите кои ги застапувал се истакнува името на мафијашот Кристијан Голубовиќ, како и сопругата на Шешељ.
Кошаркарите го познавале од паркетот, па за било каков случај тие почнале да се обраќаат кај него, па така додека тој се уште бил активен играч, посредувал и за првиот трансфер. Во тој момент заклучил дека работењето со кошаркари е многу подобро и поисплатливо од случаите за разводи, сообраќајки и криминал.
Мишко Ражнатовиќ ја формира агенцијата БеоБаскет и од тогаш посредувал за преку 800 трансфери на кошаркари, помеѓу кои и преминот на Костоски во МЗТ, вчерашниот потпис на Војдан Стојановски во Алба Берлин и денешната „трансфер-бомба" на Перо Антиќ во Атланта Хоукс.