Кошаркарите на Црвена звезда вечерва во Пионир ја прославија првата титула после цели 17 години, а во Перо Антиќ го имаа можеби најгласниот навивач.
Поранешниот играч на белградскиот состав изјави дека постои можност да се врати во црвено-белиот дрес.
„Секогаш е сè отворено и постои можност. Мојот агент е Миодраг Ражнатовиќ, сè е на него, во него имам голема доверба затоа што ми направи пресврт во кариерата“, изјави Антиќ пред новинарите во Пионир на полувремето од белградското дерби.
Поранешниот македонски репрезентативец изјави и дека му се допаѓа актуелниот тим на Црвена звезда, која според него сезонава игра одлична кошарка.
„Звезда направи одличен тим, од тренер до последен играч сè фунцкионира добро. Што се однесува до атмосферата во салата и дочекот од навивачите, ова го можат само навивачите на Црвена Звезда и Олимпијакос. Ова мора да се доживее“, додаде кошаркарот на Атланта Хокс.
Перо Антиќ во својата кариера играше во Работнички, Аек, Лукоил од Софија, Локомотив Кубан, Спартак Санкт Петерсбург и Олимпијакос со кој на два пати по ред ја освојуваше Евролигата, во 2012 и 2013 година. По Олимпијакос, Антиќ заигра и во НБА, во дресот на Атланта со која имаше фантастична сезона.