Миротворец во соблекувална, силеџија на терен, актер во Холивуд

Во кариерата на Рик Фокс се впишани 930 меча во НБА лигата, 3 прстени со Лејкерси и актерска кариера. Во Бостон на тренинг го чувал Лери Бирд, а во Лејкерси бил жртва на терен за да не се повредуваат Шек и Коби, за кои вели дека ако не се карале толку ќе освоеле повеќе титули.

Што е позабавно, да се игра кошарка или да се глуми?

Различно е. Кога глумиш си дел од тим, а тоа многу ми се допаѓа. Но ништо не го заменува адреналинот кој ти го дава НБА. Ја сакав многу, посакувам телото уште да ми беше во состојба за кошарка. Ако ја имаш таа среќа да играш професионално кошарка, ќе сфатиш дека нема ништо подобро. Сакам и да бидам актер, но тоа не ми ја дава истата возбуда како НБА.

Како успеа во исто време да тераш кариера и како играч и како актер?

Со страв дека еден ден кошарката ќе заврши и ќе треба да барам друга работа. Студирам телевизиско новинарство и глума, со цел да бидам дел од шоу бизнисот, иако не знаев дали ќе бидам зад или пред камерата. Секој дебитант кој влегува во НБА треба да следи воведна програма и ми рекоа дека во просек кариерата на еден играч е 3 години. Јас на почеток на кариерата открив и друга работа која ми се допаѓа и секое лето се посветував на актерството. За среќа кариерата во НБА ми траеше 13 години.

Бостон или Лејкерс?

Секогаш ќе му бидам должник на Бостон Селтикс поради тоа што забележа нешто кај мене и ми даде можност да заиграм во НБА. Но ако треба да одберам, би останал со екипата со која победував. Отсекогаш мислев дека ќе успеав во Бостон каде ја добив основата со ментори како Лери Бирд, Кевин Мекхејл, Роберт Париш и Брајан Шо. Но се преселив во Лејкерси за да имам можност за да победувам. Освоив трофеи во тимот на Фил Џексон заедно со Шекил Онил и Коби Брајант.

Шек и Коби неодамна ги закопаа секирите.

Ако тие двајца имаа подобар однос, веројатно ќе освоевме уште 3-4 титули. Заедно беа одлични и освоија 3 прстени, а одиграа финале и четврто финале, но сигурно можеа повеќе.

Твојата улога во Лејкерс беше миротворец во соблекувална и страшило на терен.

Да, јас бев силеџија иако не изгледав физички таков. Реалноста е што клубот не смееше да дозволи Шек и Коби да имаат проблеми со повреди. За етика учев од Бирд и другите легенди, но за моја несреќа сите тие се пензионираа во моите први три години во Бостон. Учев и што значи пораз и што не треба да правиш во еден тим. Кога отидов во Лос Анџелес  сфатив дека работите не одат како што треба и морав да бидам груб. Бев лидер на зборови, не трпев порази и понекогаш не бев воопшто пријатен.

Најтежок противник?

Секогаш сакав да се соочам против најдобрите, дури  ако тоа значи дека треба да живеам со притисокот дека треба да дадам сè од себе во одбрана против играчи како Мајкл Џордан кој беше дефинитивно на едно друго ниво или Чарлс Баркли, кој за мене секогаш бил тежок противник. Без разлика на неговиот физикус, тој беше многу брз. На тренинг го чував Лери Бирд, не ми беше забавно, но научив многу. Потоа играв против кошаркари од типот на Клајд Дрекслер, Ајзеа Томас, Петрик Јуинг, Реџи Милер, Скоти Пипен, Доминик Вилкинс. 

gazzetta.it

20 октомври 2015 - 17:13