Американскиот кошаркар со италијанско потекло, Паоло Банкеро беше избран за прв пик на овогодинешниот НБА драфт одржан во Бруклин.
Очекувано за некого, за некого не, Орландо Меџик решија од позицијата 1 да го избере 19-годишниот крилен центар Паоло Банкеро кој досега играше во дресот на легендарниот колеџ Дјук кај култниот Мајк Кжижевски за кого рече дека му бил кошаркарски татко.
Крилниот центар Банкеро кој е висок 208 сантиметри минатата сезона имал 17,2 поени во просек и 7,8 скока со 3,2 асистенции.
Банкеро беше хит на драфтот. Тој е роден во САД а интересно на само неколку часа пред стартот на драфтот изјавил дека од следното лето би сакал да заигра за репрезентацијата на Италија од каде потекнува татко му.
Orlando LETS WORK🏁💨💙
— Paolo Banchero🇮🇹 (@Pp_doesit) June 24, 2022
Мајка му Ронда Смит Банкеро на времето играла кошарка (дури и била драфтувана во WNBA од Сакраменто Монархс, играла за Сиетл Рејнг и за Портланд Паур во АБЛ како и за репрезентацијата на САД во женска кошарка каде настапувала дури седум години), а татко му Марио играл американски фудбал за колеџот Вашингтон.
Паоло Банкеро се појави во ексцентрично одело за кое многу корисници на социјалните мрежи коментираа дека било комично:
„Не ми се верува што се случи... Никогаш не помислив дека може да се случи, неверојатно е. Сега навистина сум без зборови“, рекол Паоло Банкеро во првото излагање како прв пик на НБА драфтот 2022.
Најде простор и да му оддаде големо признание на човекот поради кој стигнал тука, некогашниот селектор со кој САД станаа светски и олимписки шампиони, Мајк Кжижевски:
„Коуч е човекот кој ме направи маж, во една година далеку од дома, далеку од мојата фамилија. Ме држеше кога требаше да ме држи, ме храбреше кога требаше да ме храбри. Многу сум му должен“.
На првата конференција за новинари, Банкеро рече и:
„Сакам да донесам победнички менталитет (во Орландо Меџик), голема работна етика, спремен сум да се фатам за работа со моите нови соиграчи. Не би можел да бидам позадоволен од тоа што сум член на Орландо Меџик. Ова е еден од најубавите моменти во мојот живот, пресреќен сум“.
КОЈ БЕШЕ ВТОР, ТРЕТ, ЧЕТВРТ ПИК?
Оклахома го искористи правото на втор избор па од втора позиција го одбра досегашниот член на Гонзага, Чет Холгрем. Трет пик на драфтот беше Џабари Смит од Оберн кој оди во Хјустон Рокетс, Киган Мари од Ајова беше четврт и го одбра Сакраменто Кингс а Топ5 изборот на драфтот го заокружи Џајден Ајви кој доаѓа од Пердју Колеџот и ќе оди во Пистонс.
Број 6 е Бенедикт Матурин кој се сели во Индијана Пејсерс, седми пик Шедон Шарп кој потпиша договор со Портланд Трејлблејзерс а следуваат 8. Дајсон Даниелс во Њу Ореланс (доаѓа од Г-развојната лига од ЛА Лакерс), 9. Џереми Сочан во Сан Антонио Спарс од Бејлор Универзитетот и Џони Дејвис во Вашингтон Визардс од Висконсин.
Every pick from Round 1 of the 2022 NBA draft 📝 pic.twitter.com/PWPKwx1Tr3
— ESPN (@espn) June 24, 2022
БАЛКАНОТ ПАК ЌЕ ИМА СВОИ ПРЕТСТАВНИЦИ
Српскиот репрезентативец Никола Јовиќ од 27. позиција оди во Мајами Хит каде би требало да има минутажа. Интересно, втор претставник од белградскиот тим Мега кој оди во НБА е и Хрватот Карло Матковиќ кој како 52. пик се сели во Њу Орлеанс (тој пик го добија од Јута Џез). Матковиќ има 21 година, 208 см и беше досегашен играч на српскиот тим Мега кој може да се пофали како единствен на драфтот со двајца претставници.
Европа од 58 пикови наместо досегашните 60 (Чикаго и Мајами прекршиле правила па се казнети при избррот) ќе има 10 кошаркари меѓу кои се смета и првиот пик на драфтот Банкеро кој има италијански корени и ќе игра за Италија. Исто и деветтопласираниот Сочано кој е роден во САД. Најмногу претставници од Европа имаат Французите - дури четворица.