Јунаците во Евролига заработуваат минимално во однос на многу други

Македонскиот репрезентативец, Американецот Ти Џеј Шортс е најзаслужен за најголемото и најпријатно изненадување сезонава во европската кошарка - Париз. Клубот од француската престолнина за првпат играше во елитната Евролига и направи чудо. Го урна големиот Реал Мадрид и се пласираше во разигрување за титулата.

Epa Images
Epa Images
Photo: Epa Images

Ти Џеј Шортс со 23 поени, два скока и дури девет асистенции го предводеше Париз до историска победа среде Мадрид против големиот Реал - 73:81.

Екипата предводена од некогашниот кошаркар на Сан Антонио Спарс, Бразилецот Тиаго Сплитер направи сензација откако во својата прва сезона во Евролига долго време беше при самиот врв на прво место а сега се избори и за доигрување за титулата.

„Секој пат кога ќе излезам на терен е благослов. Никогаш не го земам тоа здраво за готово. Тоа што сме во доигрувањето звучи неверојатно. Слушнете, напорно работиме цела сезона. Моравме да одиме по потежок пат, низ плеј-ин, но сега обезбедивме карта. Чувството е неверојатно. Пресреќен сум поради сите кои се дел од Париз“, вели репрезентативецот на Македонија кој неодамна настапуваше во црвено-жолтиот дрес во квалификациите за Европско првенство.

Сега ривал на Париз ќе им биде силниот Фенербахче кој заврши прв на табела по крајот на основниот дел од сезоната во Евролига.

„Само небото е граница. Играме против сјајна екипа, но мислам дека покажавме дека можеме да победиме кој било“, вели македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс.

Уште неверојатно звучи фактот дека Париз заедно со Алба Берлин го има најскромниот буџет во Евролигата.

Врз основа на табелата со буџети за плати и договори за сите играчи и тренери на секој евролигашки клуб која што ја изведе францускиот сајт Basketeurope.com, Париз има буџет од 18,5 милиони евра од кој годишен буџет за плати е во висина од само 5,6 милиони евра.

Во тој поглед Парижаните се најевтиниот тим сезонава после Алба. Пример гореспоменатиот Ти-Џеј Шортс кој е еден од најдобрите кошаркари во Евролига, заработува околу 450.000 евра годишно. Шортс е најсериозен кандидат за наградата најдобар играч на сезоната.

Остатокот од тимот кој победи многу гиганти сезонава, заработува уште помалку на годишно ниво па така на пример Надир Хифи, Алжирецот кој пред само две години играше кошарка 3х3 и се појави на еден турнир во Лапово, Србија, а сега е еден од најдобрите кошаркари во Евролигата. Тој заработува 250.000 евра а сезонава го избраа за „ѕвезда во подем“.

Колку Ти-Џеј Шортс по 450.000 евра заработуваат уште и Маодо Ло и Кеваријус Хејс.

Тајсон Вордс годишно е платен 350.000 евра а Далтон Хомс 300.000 евра. Тренерот Тиаго Сплитер има годишна плата од 350.000 евра.

За споредба Црвена звезда и Партизан за плати во сезонава 2024/2025 одвоиле 14,4 милиони евра односно 13,2 милиони евра. Ова, како што пишуваат српските медиуми го отвора прашањето на ефикасноста на вложувањата затоа што Париз со далеку помал буџет но со одличен скаутинг пронашол кошаркари кои чинат многу помалку од другите а стигнаа дури до осминафинале на Евролига и целта им е да одат уште понатаму.

 

16 април 2025 - 13:47