Историски трипл-дабл на Никола Јокиќ, Денвер поразен од Брансон и Никс

Српскиот репрезентативец заигра во одлична форма после долгата пауза поради повреда па после првиот дабл-дабл учинок по враќањето, синоќа забележа и трипл-дабл. Денвер Нагетс изгуби после дури две продолженија 134-127 во супер интересен дуел против Њујорк Никс на гости во „Медисон Сквер Гарден“.

Никола Јокиќ стигна до 181. трипл-дабл во кариерата и се израмни со Оскар Робертсон кој е на второ место на вечната листа. Сега пред Србинот на вечната листа е само Расел Вестбрук кој е прв со 207 трипл-дабл учиноци во кариерата. Вестбрук е сè уште активен кошаркар и сезонава забележа неколку трипл-даблови.

На Јокиќ за 181 трипл-дабл му требаше 781 натпревар а на Оскар Робертсон 1.039 натпревари за истиот учинок. Јокиќ синоќа имаше шут за три и победа во последната секунда од основниот дел но топката заигра по обрачот и излезе. Крис Браун во првото продолжение го спаси Денвер Нагетс со две погодени слободни фрлања но во второто продолжение немаа спас од луцидниот Брансон кој одигра маестрален дуел за нов триумф на Никс.

Тренерот на Денвер, Дејвид Аделман после мечот изјави дека е неверојатно достигнувањето на Јокиќ кој го надмина и легендарниот Оскар Робертсон кој играл на времето уште со татко му.

Синоќа во поразот на неговиот Денвер Нагетс од Њујорк Никс, Сомборецот запиша 30 поени, 14 скока и 10 асистенции. Поефикасен од него беше фантастичниот Џамал Мареј со 39 поени.

Кај побединкот прв стрелец и најефикасен на мечот беше Џален Брансон со 42 поени, 8 скока и 9 асистенции. 

Покрај Брансон огромен придонес во победата на Њујорк Никс имаа и Карл-Ентони Таунс со 24 поени и 12 скока, Ануноби со 20 поени, Шемет со 16, Кларксон со 11 а Робинсон со 10 поени.

Ова е трет последователен пораз во серија на Денвер што првпат им се случило сезонава.

Standings provided by Sofascore
5 февруари 2026 - 09:53