
Најголемо побарување имало од САД, Канада и Мексико, трите земји домаќини на Светското првенство 2026. ФИФА вели дека луѓе од 212 земји и територии веќе аплицирале за карти и покрај тоа што 28 од вкупно 46 репрезентации веќе сигурно обезбедија пласман.
ФИФА ги наброи по ред земјите од каде веќе се купувале најмногу карти: Англија, Германија, Бразил, Шпанија, Колумбија, Аргентина и Франција. Светското се игра од 11-ти јуни до 19-ти јули.
„Како што репрезентациите ширум светот се натпреваруваат за место на историското Светско првенство 2026, шокиран сум колку вљубеници на фудбалот сакаат да бидат дел од овој настан во Северна Америка“, рекол претседателот на ФИФА Џани Инфантино.
„Огромен одзив има, прекрасен знак дека најголемото, најинклузивно ФИФА Светско првенство во историјата ја лови фантазијата на навивачите насекаде“, додал тој.
ФИФА исто соопштила дека е отворен и сајт за препродажба на карти и дека има влезници за финалето на Светско првенство во Ист Рутерфорд, Њу Џерси за кое цените достигнуваат вртоглави суми од 9.538 долари па се до 57.000 долари за најубавите седишта.
ФИФА не открива колку карти се продале за кое место и се уште не ја открива листата на цени за карти па така само оние привилегираните кои ќе имаат пристап до сајтот да купат карта ќе знаат, нешто што не било никогаш макар од Светското 1990 во Италија.
Порано неделава претседателот на САД Доналд Трамп најавил дека разгледуваат да преместат некој град-домаќин од Светското првенство како на пример оние натпревари од предградието на Бостон каде сметаат дека не е баш најбезбедно за таков настан.
Притоа никој не го отвора прашањето и како ќе добијат виза оние кои купиле карти особено сега кога САД минуваат низ строги контроли за добивање виза.
Така на пример пријателската меѓу Аргентина и Порторико од пред некој ден беше преместена од Чикаго во Форт Лодердејл на Флорида затоа што во Чикаго не се продал голем број карти.
Купувачите кои стекнале право да купат карта во првата рунда биле избрани меѓу 4,5 милиони побарувачи од целиот свет на лотаријата која се одржа минатиот месец. Следниот период на отворање ќе биде на 27-ми октомври и ќе може да се купи карта за кој било град на кој ќе се играат 104 натпревари. Подоцна после ждрепката на групите ќе биде објавено која репрезентација каде ќе игра.
Доколку стадионите бидат полни, пишува Асошијетед прес, би можело да има околу 7,1 милион гледачи на 104 натпревари на натпреварите на Светското во 16 градови во Северна Америка.
Оние кои беа избрани при лотаријата соопштија дека најевтините карти кои се по 60 долари биле достапни за околу 40 натпревари, а за сите други ќе бидат по многу-многу повисоки цени. Пример за првиот меч на отворањето на кој ќе игра домаќинот САД во Инглвуд, Калифорнија ќе има карти од 560 долари па до 2.735 долари.
На сајтот пак за препродажба каде оние кои имаат веќе купено карти а се спречени од разни причини да одат на натпреварот и ќе можат да препродаваат, се вели дека имало понуди и од 61.642 долари за мечот на отворањето на САД на 12-ти јуни.