Ефес е на врвот на Европа, Мициќ и Ларкин ја урнаа Барселона

Кошаркарите на Ефес Пилсен по првпат во историјата го освоија највредниот трофеј во европската кошарка откако вечерва со 86:81 ја совладаа Барса. МВП на сезоната и на Фајнл Фор е Василије Мициќ кој растури и во финалето.

На европскиот Фајнл Фор кој се играше во Келн без гледачи, во „Ланксес Арена“, Барселона и Ефес одиграа големо финале.

Самиот старт не понуди атрактивна кошарка, мечот изобилуваше со фаули и прекини, но како изминуваше мечот, така и Ефес и Барса влегоа во ритам.

Резултатски двата тима беа израмнети, Каталонците од почеток ги водеше расположениот Брендон Дејвис кој во првите 10 минути постигна 10 поени. Во турскиот состав некако мируваше најдобриот тандем во европската кошарка Василије Мициќ - Шејн Ларкин, па Сертач Шанли му парираше на Дејвис.

Барселона, предводена од клупата од тензичниот Шарунас Јасикевичиус на почетокот на вториот период стекна дури и двоцифрена предност но во одбраната како да „дуваше промаја“ па Ефес брзо ја топеше разликата и направи пресврт.

На паузата турскиот претставник отиде со позитива 39:36.

Веќе од третиот период ритам фати најдобриот европски кошаркар во моментов, српскиот репрезентативец Василије Мициќ кој со блескави продори, дриблинзи, асистенции и поени од дистанца ја полуде одбраната на Барселона.

Единствено Кори Хигинс, јунакот на Барса од полуфиналето (кош буквално во последните стотники од времето за победа против Милано) го одржуваше својот тим на пристојна негатива.

Во последната четвртина Барселона се враќаше во игра и во последните пет минути од мечот се влезе во егал.

Тогаш одговорноста ја презедоа Шејн Ларкин и Васа Мициќ кои продираа во одбраната на „блауграна“ и заслужено го однесоа Ефес на врвот на Европа.

На крајот конечни 86:81 за Ефес Пилсен кој ја освои првата шампионска титула во Евролига, прва и за тренерот Енгин Атаман.

Со 25 поени (8/14 од игра, 2/14 за три, 7/8 слободни фрлања), пет асистенции, три скока на Василије Мициќ и 21 поен на Ларкин, Ефес Пилсен ја круниса фантастичната сезона во европската кошарка. Во тимот на Барселона најефикасни беа Кори Хигинс со 23 поени, Дејвис со 17 и Никола Миротиќ со 11.

Мициќ наскоро ќе се пресели во НБА тимот Оклахома Сити Тандер.