Двете први битки на Мајкл Џордан и Дражен Петровиќ во Задар и Северна Каролина

Текстот кој го објавивме неодамна насловен како „Легендарни фотографии од првото соочување на Дражен Петровиќ и Мајкл Џордан“, предизвика голем интерес. Вистината е дека тој не им бил прв двобој.

Фотографиите на Дражен и Мајкл од 23 ноември 1983-та, сведочат за соочување на двајца млади талентирани кошаркари, кои подоцна ќе станат поим за кошарка.

Се работи за егзибициски натпревар меѓу Северна Каролина и Југославија кој завршил 75:65. Пак ќе повториме, рацете да му се позлатат на тој што ги направил тие фотки, кои денеска го заслужуваат епитетот легендарни.

Но, сепак тоа не било нивното прво соочување, а тоа го утврдиме со докази кои ни ги испратија педантни читатели и чувари на кошаркарската историја на двајцата великани.

Мајкл Џордан (роден 1963) и Дражен Петровиќ (1964) претходно се имаат сретнато уште два пати. Одиме со ред.

ПРВА БИТКА (1981)

Првиот официјален натпревар на Џордан за Северна Каролина датира од 28 ноември 1981-ва година, кога победил против Канзас 74:67 и постигнал 12 поени.

Потоа одиграл уште два меча и веќе на четвртиот негов настап, Северна Каролина ја пречекала Југославија, која традиционално во тие времиња одела на турнеи.

Тоа значи дека првото соочување меѓу најголемиот на сите времиња и еден од најголемите европски играчи кои стапнале во НБА, се случило на 5 декември 1981.

Градот кој ја запечатил оваа историја се вика Чапел Хил, а салата Кармајкл Арена. 9.000 гледачи уживале и ниту претпоставувале дека ги гледаат идните великани Џордан, тогаш 18 години и Петровиќ 17.

Северна Каролина славела во продолженија 77:70. Џордан за 34 минути игра имал 23 поени, 5 скока и 2 асистенции, а Дражен за 16 минути бил без поени, со 1 скок и 2 асистенции.

Блескава партија за Југославија одиграл искусниот Дражен Далипагиќ, тогаш 30 годишен, кој дал 41 поен или повеќе од пола на својот тим.

Зборуваме за Олимписки (1980), светски (1978) и три пати европски првак со Југославија (1973, 1975, 1977), со прекар „The Sky Jumper“.

Човек кој постигнал 50 поени на преку 15 натпревари и кој на мечот Венеција - Виртус Болоња дал 70 поени. МЗТ Скопје го има водено како тренер во серзоната 1998/1999.

На 29 март 1982 или четири месеци по тој натпревар, Северна Каролина во финалето на колеџ лигата славела на гости против Џорџтаун и ја освоила титулата со победнички кош на Џордан, што значи Југославија играла против идниот првак на NCAA.

ВТОРА БИТКА (1982)

Второто соочување на Џордан и Петровиќ се случило веќе следната година, но на хрватско тло. Во салата Јазине во Задар, на 23 јуни 1982 година гостувал колеџ тимот на САД кој во тоа време отпатувал во Европа како дел од припремите за Светското во Колумбија.

Во записите од весниците стои насловот: Пораз со звукот на сирената, мислејќи на триумфот на Американците со 90:92. Победничките поени не ги постигнал Џордан, туку Џон Паксон кој една деценија подоцна ќе освои три титули со Чикаго Булс и Мајкл Џордан (1991–1993).

24 поени за Џордан, 10 за Петровиќ. Брат му Дражен, Ацо Петровиќ го чувал Џордан на тој дуел и во тоа време не бил нешто воодушевен од него.

„Се сеќавам добро на тој натпревар. Мајкл Џордан во таа 1982-ра не личеше дека ќе стане вонземјански играч. Го чував 10 минути и морам да признаам дека не ме импресионираше премногу. Беше солиден и ништо повеќе од тоа. Обично дете со своја фобија. Две години подоцна на Олимписките игри 1984 во Лос Анџелес, веќе можеше да се забележи дека расте во суперѕвезда“, вели Петровиќ.

10 години после тој натпревар или поточно на Олимписките игри во Барселона 92, каде Ацо Петровиќ бил во улога на асистент тренер на Југославија, Џордан после финалето го прашал Дражен за еден тип на клупата.

„После финалето, Џордан му пријде на Дражен, покажа кон мене и го праша кој е тој лик. Дражен му рече дека сум негов брат, а Џордан му одговори дека се сеќава на мене, бидејќи десет години претходно имавме битка на теренот. Тоа кажува за неговата луцидност, затоа што имаше неверојатна перцепција за сè околу него“.

Ацо жали што две години после мечот во Задар, немал шанса за уште една пресметка со Џордан, но вели дека Мајкл после веќе две години изгледал многу подобро и подоминантно.

„Ги гледав првите четири епизоди од документарецот „The Last Dance“, преку кои добивате нова перцепција за него. Се гледа дека се работи за победник и дека сè подредил на тоа да биде што подобар. Мислам дека филмот ќе ја промени перцепцијата за сите што мислеа дека тој не е најдобриот на сите времиња, што за мене апсолутно е“.

Прв стрелец на тој меч во Задар бил Словенецот Петер Вилфан со 26 поени.

„Играв против него една година претходно во Чапел Хил и уште тогаш зборуваа дека ќе биде еден од најдобрите, но тогаш не одигра ништо посебно. Селекторот ми даде доверба да го чувам и некои 8-9 години не му дозволив да прими топка. Потоа еднаш ми побегна и ја заби. Сè уште не беше толку силен ментално, но имаше нешто во него. Кога го погледнав во очи, видов концентрација и фокусираност. Со фантастичните физички предиспозиции и агилност, беше јасно дека може да стане неверојатен“, раскажува Вилфан.

Мечот од трибините во Задар го следел Јосип Ѓерѓа, легенда на задарската и европска кошарка. Токму тој ја водел младата селекција на Југославија една година претходно во Северна Каролина.

„Беше очигледно дека ќе биде добар, имаше исклучителен потенцијал и моторика“ сведочел тој.

Статијата за третата пресметка меѓу Џордан и Дражен ја надополнуваме со нивниот личен учинок од мечот. Џордан 23 поени, 7 скока и 8 асистенции. Дражен 19 поени, 6 скока и 4 асистенции.

Таа сезона 1983/1984, Дражен Петровиќ ја минал во војска, прво во Пула, а потоа во Белград, но добил дозвола да игра на американската турнеја.

6 декември 2024 - 15:48