Шеј Гилџус-Александер од јунак стана губитник на мечот.
Тој играше одлично цел меч, во финишот дури и постигна шест поени во последните две ипол минути за минус -1 негатива, па му фрли прекрасен алеј-ап на Чет Холмгрен за водство на Тандер 115:116 на 20 секунди до крајот на мечот.
Но потоа Шеј Гилџус-Александер направи сосема непотребен прекршок кога Пи-Џеј Вашингтон скокна да шутне за три поени и доби три слободни фрлања.
Токму Вашингтон израсна во јунак затоа што цели три четвртини беше без уфрлен поен а во последниот период постигна девет исклучително важни поени кога се кршеа копјата и беше најзаслужен за враќањето на Далас од -17 од првиот дел.
Лука Дончиќ беше постојано нервозен во првиот дел и постојано им дофрлаше на судиите. Доби рана техничка грешка, продолжи да гестикулира и коментира па судијата Тони Брадерс го предупредил дека тоа му е последна опомена пред да го исклучи од игра.
Дончиќ одигра очаен прв дел со дури пет загубени топки, дури две повеќе од целиот тим на Оклахома Сити Тандер.
Но Лука во вториот дел излезе во свој стил, во свој ритам и со препознатливи влезови, дриблинзи и асистенции го водеше Далас до победа. На крајот Дончиќ имаше 29 поени (4/6 за три), 10 скока и 10 асистенции две украдени топки и седум изгубени топки.
Кајри Ирвинг имаше 22 поени со три асистенции и два скока а резервниот центар од клупата Дерек Ливели додаде 12 поени со дури 15 скока и три асистенции.
Огромен удел во триумфот имаше и Дерик Џонс со 22 поени, четири скока и две асистенции.