Денвер се врати од -22, Јокиќ со ѕверска партија

Актуелниот шампион Денвер Нагетс направи голем пресврт на свој терен против Торонто Репторс и на крајот славеше 125:119. Број 1 на мечот кој друг ако не Никола Јокиќ.

Лидерот на Денвер Нагетс запиша уште еден нов трипл-дабл учинок. Во победата на својот тим имаше 35 поени, 17 скока, 12 асистенции и 6 украдени топки за 38 минути на паркетот.

Ова е 21. трипл-дабл сезонава за Никола Јокиќ кој синоќа од игра шутирал (14/26), за три поени 1/3 а ги погодил сите шест слободни фрлања, притоа имал и две блокади и две изгубени топки.

Но мечот не беше толку лесен за Денвер Нагетс како што кажува резултатот. Гостите од Торонто кој од клупа ги предводи добриот пријател на Јокиќ, Дарко Рајаковиќ, во еден момент стекнаа 21+ и 22+ поени предност на паузата.

Но шампионот во вториот дел како да се разбуди и предводен од Јокиќ почна да ја топи предноста. Првпат направија резултатски пресврт на седум минути пред крајот со поени на Џамал Мареј, па до крајот само ја зголемуваа стекнатата предност.

Супер натпревар одигра и Џамал Мареј со 26 поени, 12 скока и пет асистенции, а Ерон Гордон и Мајкл Портер уфрлија по 19 поени, вториов запиша и осум скока.

Кај Репторс, Ер-Џеј Берет броел до 26 поени со девет асистенции и седум скока, Кели Олиник додал 24 поени со шест скока а Грејди Дик 17 поени со седум асистенции.

Денвер Нагетс сега е на 45 победи и 20 порази и е втор на Западот а Торонто има 23 победи и 42 порази (четири во низа).

ЈОКИЌ ЗА ЗБОРОТ ШТО НЕ СЕ ПРЕВЕДУВА НА АНГЛИСКИ

12 март 2024 - 09:27