If you don't like this, you don't like NBA basketball

CP3 – колапсот на еден несуден шампион

Од мачната епизода со будалата Серлинг и старлетата која му пушти “бомби” на TMZ, протестите на играчите, повторното одживување на расните прашања, па се до смената на сопственоста и сл., играчите на Клиперси, искрено, беа секогаш и во секој миг, на највисоката амплитуида на емоционалните состојби.

Меџик Џонсон твитна: “па Клиперси, си се Клиперси”, веројатно алудирајќи на нивниот губитнички менталитет. Колумнистите од USA ја нагласуваат емоционалната нестабилност на екипата. Влијателниот Adrian Wojnarowski од Yahoo Sports, беспоштедно, и малку поетички, го долови стрмоглавниот пад вака: “...a colossal collapse had conspired for a collision of confusion and contempt”. А USA Today и нивниот Sam Amick уверуваат дека Клиперси преживеале таква асфиксија на терен, која ниту може да се објасни, ниту може да се оправда.

Ај да пробаме! Клиперси водеа 3-1 во серијата со Хјустон и изгубија три натпревари по ред. Неславно се впишаа во редот од само девет екипи во историјата на овој спорт кој “успеале” да ja “покакаат” работата. Од слава до очај. Од совршенство до беда. Од тоа да го “средиш Поп” до тоа “да те среди Деда Приџони”. Комплетно несфатливо, меѓутоа навистина, по второлигашките сезони на Лејкерси (арно нема испаѓање во НБА) и неуспешниот Rush Hour 4 со Лин и Коби во улогите на  Џеки Чен и Крис Такер во Стејпалс центарот, Клиперси, не само што се во центарот на вниманието, туку околу нив се случуваа многу собитија на кои не може да се остане рамнодушен. Од мачната епизода со будалата Серлинг и старлетата која му пушти “бомби” на TMZ, протестите на играчите, повторното одживување на расните прашања, па се до смената на сопственоста, привикнувањето на кловнот од Мајкрософт, сомнителното полнење на ростерот со “другарите” на Док Риверс, епската елиминација на Шампионите со повреден Крис Пол, и сл., играчите на Клиперси, искрено, беа секогаш и во секој миг, на највисоката амплитуида на емоционалните состојби. Во спортската психологија, од класикот на D.L.Wann (Sport psychology) па се до современите истражувања, навистина, и на теоретско и на практично рамниште, постои и феноменот на т.н.“емотивно горење”.

Но дали навистина, Клиперси емотивно исчурија!? Док Риверс на пресот се обиде да бара алиби во оваа насока, велејќи: “Не можевме да се ослободиме од слаткиот отров на победата против Сан Антонио Спарс”. На приказната за емоционалната нестабилност наседнаа и американските новинари, меѓутоа не смее да се тргне настрана и неговата тренерска одговорност, која чинам, не е воопшто занемарувачка. Како прво, резултатските падови во голема мера, и во претходната серија со Спарс и во оваа со Хјустон, беа  условени од очајната и неефективна, дефанзивно комплетно несигурна, клупа. Да не заборавиме дека Риверс сакаше да го трампа Џордан за Гарнет. Единствениот затварач на рекетот и дефанзивен стопер од највисок ранг со уморниот и времешен Гарнет. Арно оваа глупост не ја дозволи лигата, но му поминаа барањето да биде Султан во Клиперси. Па така, ем тренер ем претседател на кошаркарските операции, резервите и пребитните играчки улоги од клупа ги полнеше со “другарите”: Офанзивно беспотребен и дефанзивно неучиковит Биг Бејбе кој со вишокот килограми е гротеска која повеќе се тркала од колку што трча, невидливиот Туркоглу кој ако не му ветил 50% од приходот на Док, ама буквално не може да смислите друг логичен разлог за неговата аквизиција, каубоецот Спенсер Холмс кој беше најскапиот навивач на Клиперси закован на клупа и секако, синот на тате Остин Риверс, кој успеа да го излуди и смирениот Крижевски во Дјук со неговото “подавање, што беше тоа!?”. Дог, прилично непотистички, реши да го прави играч малиот Остин, кој, искрено, од 14 солидно изигра малку повеќе од една. Не случајно вчера, Ван Ганди како стручен кокоментатор, гледајќи го ефектот на клупата во двата аспекти на играта, неволно рече: се надевам дека Док нема до крај да ги седне на клупа Блејк, Џордан и Пол. Риверс е навистина вешт комуникатор, лице кое знае како да се однесува кога се обраќа на јавноста, важи за голем мотиватор. Но, дефанзивната посветеност, плод на тренерската мотивација, комплетно ја снема во game 6 и 7.

Навистина е разочарувачки и за неутралните фанови на лигата, како еден иден жител на куќата на славните и кошаркарски волшебник како Крис Пол, како најдобрата четворка по Баркли - Блејк Грифин и како неверојатно алтлетската дефанзивната ролетна ДеАндре Џордан, немаат можност да бидат опкружени со работници, кошаркарски кртови и рол-плеј играчи кои само ќе ја потврдат MVP големината на спомнативе и помогнат да се крене Лери O’Брајан во Лос Анџелес. А оваа неможност е дирекна последица на султанското водење на франжизата од страна на еден умислен тренер и GM, кој не може да се вади на старата слава од времето на Бостон и на приказните за емоциите. Ко божем, другиве немаат емоции.

Бошко Караџов

18 мај 2015 - 22:29