Уште еднаш се потврдува тезата дека регуларен дел од сезона и доигрување потоа се две сосема различни работи. Мајами Хит е пример за тоа. „Сонцата“ беа осми на табела и едвај преку таканаречениот плеј-ин се пласираа во плејофот. А таму тргнаа да газат се по ред.
Мајами Хит синоќа со 128-102 го победи Бостон Селтикс и води со неверојатни 3-0 во серијата. На триумф се од ново големо финале на НБА.
Џими Батлер, јунакот од првите два меча и апсолутна клупска легенда, овојпат имаше 16 поени, 8 скока и 6 асистенции, а главна улога во победата неочекувано имаше Гејб Винсен со 29 поени, два скока и три асистенции за партија на кариерата. Данкан Робинсон додаде 22 поени со два скока и четири асистенции, Калеб Мартин запиша 18 поени, три асистенции и четири скока а Бам Адебајо додаде 13 поени.
Кај гостите од Бостон кој сега ќе мора да издржат голем притисок во следниот меч кој пак се игра во Мајами, синоќа најефикасен беше Џејсон Тејтум со 14 поени, 10 скока и две асистенции. Џајлен Браун даде 12 поени со шест скока и две асистенции, а Грант Вилијамс и Пејтон Причар додадоа по 12.