Ветеранот Антиќ сезонава се врати во Европа од НБА каде 24 месеци играше за Атланта Хокс. Минатата пролет го играше финалето на источната конференција против Кливленд, а вечерва одигра 18 минути на пријателскиот дуел меѓу Фенербахче и Црвена звезда.
Пред крајот на неговиот престој во САД, односно на гостувањето во Њујорк Перо Антиќ доживеа непријатност кога беше уапсен и притворен заедно со неговиот соиграч Табо Сефолоша. Во разговор за хрватските медиуми, Антиќ објасни што се случувало вечерта и првпат јавно откри некои детали од настанот.
„Како што кажав и претходно, се најдовме на погрешно место во погрешно време, но во НБА ноќните излегувања се строго забранети. Табо излезе од кола за да му даде 20 долари на еден скитник и оддеднаш му се пушти полиција која почна брутално да го турка. Излегов да видам што се случува, затоа што Табо има „само 20 килограми“. Тоа беше чист расизам на дело кој владее во Америка. Табо е црнец, а сите полицајци беа белци. Не сакав да го оставам сам, па затоа ме приведоа и мене. Никогаш, до ден денес не добивме објаснување за нивното однесување. Полицијата таму убива луѓе и никој ништо не превзема“, се отвори Антиќ за Јутарњи лист во Задар.
Табо Сефолоша најавил тужба против полицијата, но Антиќ не сака веќе да има ништо со таа приказна.
„На почетокот на септември бев во Њујорк и се расчистив. И јас можев да ги тужам, но сакав што побрзо тие лоши спомени да ги тргнам од мојот живот. Знаете, за такво нешто во Европа веќе ќе не отпишеа, а на Атланта сме и благодарни затоа што не заштити. Во НБА е многу поопуштено отколку во Европа. Платата стигнува на време што е права реткост во Европа“, продолжи Антиќ.
Поранешниот македонски репрезентативец сезонава ќе игра во Евролигата која на двапати ја освојуваше со грчкиот Олимпијакос. Иако по лошо го памети престојот во Њујорк, сепак за поранешниот клуб има само пофалби. Во САД уживал во се, но не прифатил само едно нешто.
„Батка, со 31 година дојдов во НБА а тие ми дадоа торба да им ја разнесувам опремата. Ја оставив пред врата и реков: Момци респект, но јас имам 31 година и не сум ви никаков руки играч (дебитант) овде“, констатираше Антиќ во разговор за Јутарњи лист.
Антиќ имаше одличен учинок во триумфот на Фенербахче, постигна 11 поени со 5 скокови и 1 асистенција. Во еден момент од средбата се пожали на повреда на раката после еден незгоден пад, по што тренерот Жељко Обрадовиќ го одмораше на клупата. Противник на Фенербахче во финалето ќе му биде победникот од дуелот меѓу домаќинот Задар и Баерн Минхен.