Меси главен фаворит за наградата на УЕФА

УЕФА ги соопшти имињата на тројцата фудбалери кои влегоа во најтесниот избор при гласањето за најдобар фудбалер во Европа, а според очекувањата на јавноста и на кладилниците, Кристијано Роналдо и Франк Рибери немаат шанса со Лионел Меси.

Робен, Левандовски, Милер, Швајнштајгер, Бејл, Ибрахимовиќ и Ван Перси отпаднаа од конкуренција. Во најтесниот круг по гласањето на новинарите од земјите членки на УЕФА за престижното признание за најдобар играч во Европа влегоа Лионел Меси, Франк Рибери и Кристијано Роналдо.

Меси ја освои шпанската лига со Барселона, сезоната ја заврши со 46 голови, а ја заслужи и наградата од ФИФА за најдобар играч на светот. Токму тој е најголем фаворит за освојување и на наградата од УЕФА. Според кладилниците, коефициентот за него е 1,72.

Коефициентите за Франк Рибери кој го предводеше Баерн Минхен до тројната круна и Кристијано Роналдо кој беше најдобар стрелец во Лигата на шампиони се 3,75.

Најдобриот фудбалер во Европа ќе биде прогласен на свеченоста во Монако на 29. август по извлекувањето на групите за Лигата на шампиони.

7 август 2013 - 10:39