Само неколку часа по дознавањето и на вториот финалист во Лигата на шампиони, светските обложувалници веќе ја подготвија нивната понуда за натпреварот кој ќе се одигра на 19 мај.
Според нив, фаворит за освојување на титулата на својот стадион е екипата на Баерн Минхен. Коефициентот дека тие ќе го подигнат пехарот е 1,4 а коефициентот на Челси е двојно поголем. Оваа опклада важи и доколку натпреварот биде одлучен по продолженија или пенали, а за победа на Баерн Минхен во регуларниот дел од натпреварот, коефициентот изнесува 1,75. Коефициентот за реми е 3,5 а на победата на Челси е 4,6.
Најпознатата британска обложувалница Вил Хил најголеми шанси му дава на резултато 1:0 во корист на Баерн. Коефициентот за овој резултат е 7, а за резултатот 1:1 коефициентот е 7,5. Најголема веројатност за резултат во корист на Челси е за нивна победа од 1:0 за што коефициентот е 12.
И историјата на страната на Баерн Минхен
Баерн Минхен во минатото ја има освоено Лигата на шампиони во четири наврати, а откако се игра новиот формат тоа им успеало во 2001-та година. Челси има одиграно едно финале (2007/2008), но го нема освоено трофејот од ова натпреварување.
Баерн Минхен има одиграно 35 натпревари против екипи од Англија. Има забележано 13 победи, ремизирале 12, а 10 пати биле поразени, но од овие порази само еден бил на домашен терен каде и ќе се одигра финалето.
Челси има одиграно 13 натпревари против германски екипи во Лигата на шампиони и има забележано осум победи и пет порази и тоа сите пет на гостински терен во Германија.
Овие две екипи до сега се имаат сретнато само еднаш во четвртфиналето на Лигата на шампиони во сезоната 2004/2005. Поуспешени во овој двомеч беа Англичаните откако во Лондон победија со 4:2, а во Минхен победи Баерн со 3:2.
На овие натпревари од сегашните состави имаат играно Швајнтшајгер за Баерн и Лампард, Дрогба, Чех и Тери за Челси.