Членот на Железарец во богатата кариера настапувал во Романија, Србија и Либан, а на клупско ниво е шесткратен првак на Македонија и шампион во Србија со екипата на Крагуевац. Левески е четири пати прогласуван за најдобар играч во Македонија, а искуството сега им го пренесува на младите надежи до 21 година. Македонската футсал репрезентација на пријателски турнир во “Борис Трајковски“ го освои второто место откако загуби во финалето од Шпанија со 6:1. Нашиот национален тим е на 43. место на светската ранг листа.
Која ви беше тактиката против Шпанците?
Тактиката против Шпанија беше јасна, сите во одбрана, и оние резервни играчи, резервен голман и сите сме во шест метри. Шала на страна, против таква репрезентација договорот беше јака и цврста одбрана до половина на теренот, со навремено напаѓање на противникот, и чекање конкретна и добра прилика за полу контра и контра и евентуално некој прекин од игра да искористиме одработена акција. Но ова е договор пред натпревар, и се би било добро ако може се да се стигне да се затвори, но на терен против Шпанија не е можно, посебно не во нашиот мал фубал - футсал, каде за време на еден натпревар може да има и преку 40 шутеви, шанси, итн.
Гледавте ли некоја видео снимка од нив?
Нормално како пред секој натпревар со репрезентација, гледаме видео материјали од противничките екипи, анализираме, разговараме, бараме решение. Така беше и со овој натпревар, но мора да се знае дека Шпанија е неколку кратен светски и Европски шампион.
Може ли да им се спореди квалитетот со фудбалската селекција?
Интересно прашање, да се направи споредба со шпанската футсал селекција и нивната репрезентација во фудбал. Според мене има огромна разлика, во футсал тие се подоминанти, подобри, поопасни, со повеќе успеси, едноставно доминираат во малиот фудбал со Европа и светот. Разлика кога ќе изгубите од Шпанија во футсал 6:1, не е исто со голем фудбал ист таков резултат. Таму да загубите со 5 гола е рамно на катастрофа, во малиот фудбал тоа нешто би било некаде над 10 голови. Разлика има голема, во однос на створени шанси, акции, шутеви на гол. За споредба само во големиот фудбал може да се случи големо изненадување, од типот мала репрезентација да поведе со голема светска сила, и да се брани цел натпревар и со многу среќа да успее да оствари добар резултат. Во малиот фудбал тоа е скоро невозможно, на толку многу остварени шанси, акции, шутеви, акции од прекини, шеми... тешко резултатот да остане 0:0, посебно не на ваков натпревар како што се реалните можности на Шпанија и Македонија.
Ја користат ли тики-така играта?
Скоро целата игра во малиот фудбал е тика-така. Сè се одвива и игра на еден додир, два додира, шеми, акции осмислени, долго време работени.
Посед на топка?
Поседот мислам дека беше 70 - 30 %, можеби мала грешка од некој 5% во корист на Шпанија, едноставно доминираа.
Што ќе смените во вашата игра кога повторно ќе се сретнете во март на квалификацискиот меч за ЕП 2016?
Во играта до март месец тешко дека може нешто драстично да се промени, едноставно треба цврста и силна одбрана, навремено напаѓање на противник и топка, не оставање многу простор за нивна лесна игра, и спроведување шеми, шанса за да се одземе топката, и да се направи полу-контра или контра, и да се реализира. Потребна е голема концентрација 40 минути. Искрено нашата шанса на квалификациите не ја бараме против Шпанија, мора повеќе енергијата и времето да го насочиме кон другите два дуели од тие квалификации, таму е нашата шанса за освојување две победи и 6 бода, што би биле доволни за бараж.
Кој ти беше најтежок за чување?
Најтежок, и најмногу на кој што се посветив според договорот на тој натпревар беше пикерот на шпанската репрезентација Fernandao, играч кој што е многу снажен, голем, а сепак премногу подвижен, и незгоден за чување. Во моментов еден од најдобрите играчи во светов на негова позиција.
На маалските турнири во Скопје често настапуваат футсал играчи, а за најквалитетен турнир важи оној во Миравци. Тие ви служат за одржување на формата?
Турнирите кои што се играат низ Македонија и тој што спомнувате во Миравци, кој што е со најдолг стаж на организација и одржување, секогаш за време на летната и зимската пауза се добредојдени за одржување на форма и дружење. Конкретно тој турнир веќе го имаме освоено три пати, но сепак мора да се знае дека играњето на такви "маалски турнири во фудбал" е сосема поинаков од оваа наша игра футсал. Таму се игра 5+1 со друга топка, други правила, нашиот футсал е 4+1, со топка која што не отскокнува премногу од подлогата, и со некои други правила во однос на играта. Сепак добро се снаоѓаме и на такви турнири, и голем број на турнири низ Македонија и надвор ги имаме освоено.
Каква е трансфер политиката во футсалот, имате ли менаџери и дали наши играчи може лесно да се продадат во странство?
Околу трансфер пазарот, менаџерите, сè функционира исто како големиот фудбал, но со многу помали суми. На пример според мои информации можеби најплатениот играч во футсал да заработи максимум до 500.000 - 1.000.000 евра годишно, што е многу пати помалку од најплатените играчи во фудбал.
Како замина во Либан? Ги бива ли таму за мал фудбал?
Околу моето одење во Либанскиот шампион во 2011, каде што одиграв Азиска Лига на шампиони, каде што освоивме со тимот Ал Садака бронзен медал, најзаслужен е мојот голем пријател, Мичо Мартич, (менаџер, ФИФА инструктор, и селектор во моментов на Финска репрезентација). Во Азија веќе футсалот се развива со големи чекори, но сè уште не е на ниво како во најдобрите европски лиги, Шпанија, Русија, Италија, Португалија....
Во 2004 година ФИФА го прогласи Фалкао за најдобар светски футсал играч, но откако сакаше да заигра 11 на 11, не успеа на тоа поле. Тешко ли е според тебе од тврда подлога, да се успее на трева?
Да, во 2004 Фалкао доби признание за најдобар играч во светот, а потоа и во 2006, 2011 и 2012 беше прогласен за најдобар футсал играч. Точно е дека се обиде да игра голем фудбал во бразилската лига, но не одеше она како што треба. Тоа се сосема два различни спортови, јас на шега викам тоа е како на Новак Ѓоковиќ да му дадеш рекет за пинг понг и да игра со некој Кинез, тешко.
Како ти оди истовремено и на селекторската позиција за футсал играчи до 21 година и врз кои критериуми ги бираш децата? Имаме ли таленти?
Во моментов добро се снаоѓам и успевам некако да се носам со сите задачи. Тоа се селектор на селекцијата У-21, капитен на А селекцијата, клупски обврски со Железарец, фул работно време во Зоте Брос, како и приватна фирма која ја водам 4 и пол години. За У-21 во Македонија е воведено правило да секоја футсал екипа за да може да започне еден натпревар мора да има 2 играчи задолжително, со тоа почнува секоја екипа да работи барем нешто за млади играчи. Изборот и конкуренцијата во моментов е сè уште слаба, но добро се снаоѓам, вадиме максимум што може во овој момент. Од У-21 селекцијата што ја имавме во претходната сезона 2013-2014 веќе 8 играчи беа во составот на најдобрите 16 играчи во А селекцијата што беа против Финска и Шпанија. Инаку под мое водство Македонија одигра две пријателски средби против Романија во Велес на кои победивме со 3:1 и 5:1.
Македонија - Грузија, квалификации за ЕП (24.01.2011)